Ракија од пиво, од домати или од моркови? Зошто да не!

Фото: Pexels
242

Суровина за правење ракија може да биде сè што може да предизвика ферментација. Овој технолошки процес е познат со векови, но секогаш сме изненадени кога некаде ќе најдеме домашна ракија од некое овошје или зеленчук, за кои никогаш не би помислиле дека можат да завршат во казанот!

Кај нас е најбарана и најпозната гроздовата ракија, но ретки се оние кои нема да пробаат некои поретки и необични ракии. Од оние што се само оплеменети со некоја лековита тревка, па до оние направени од овошје или зеленчук за кои никогаш не би помислиле дека можат да завршат во ракија. Практично, суровина за правење ракија може да биде сè што може да предизвика ферментација.

Најчесто оние понеобичните ги прават искусни производители на ракија, но повеќе за своја душа. Така во последно време на разни настани и фестивали за храна и пијалаци често може да се најдат експериментални ракии. По правило, сопствениците никогаш не очекуваат профит од тоа производство, туку сакаат да ја претстават различноста и нивниот весел истражувачки дух.

Какви намирници можат да одат во казанот за ракија?

Меѓу шишињата ракија со кои досега сме се сретнале се оние од аронија, виљемовка, кајсија, дудинки, но сме слушнале и за некои понеобични, како на пример, од грејпфрут, мандарини, па дури и од моркови, домати и – пиво!

Авантура со ракија – понекогаш евтина, понекогаш скапа

Српскиот производител Живојин Јеленковиќ од Лапово, кој го нарекуваат и „ракиски авантурист“ досега правел ракија од зелка, од домати, а се испробал и во правење ракија од мед.

„Таа авантура е поскапа, бидејќи се потребни 40 килограми мед во кои додавам 70 литри вода. Кога ќе се испече се добиваат 16 литри ракија. Оваа година направив ракија од моркови и има убав вкус. Во тој зеленчук има доста шеќер. Постапката е секогаш иста. Изрендајте, ставете да преврие и потоа може во казанот“, вели Јеленковиќ.

Ракија од пиво

Некои „ракиски авантуристи“ прават ракија од мандарини, банани, дудинки, дињи, лубеници и од пиво!

Да, од пиво. Пивото веднаш се става во казан и се пече, бидејќи веќе има алкохол. Не треба вриење. Оние кои ја пробале велат дека е во класата на подобрите вискија.

Уште неколку интересни работи

Не е лошо да се испробаат различни вкусови, напротив, може да биде интересно, особено кога ќе ги размениш впечатоците со уште некој кој е доволно љубопитен за да проба.

Впрочем, ракијата не е само за пиење, одамна е позната како народен лек, но и како поттикнувач на комуникацијата.

Познавачите и оние кои пробале велат дека доматната ракија е питка и нема посебен мирис. Дињите немаат киселини кои предизвикуваат ферментација, па ако решите да правите треба да знаете дека можат да се добијат само пет до шест литри добра ракија по казан. Ракијата од киви, на пример, во првиот препек може да има околу 15 степени јачина, а во вториот од 25 до 50 степени. Има особено убава арома.