Салата со тиква и рукола по рецептот на нашата омилена готвачка: модифицирана и во сѐ поголеми порции
Откако пред можеби 5 години, нашата омилена готвачка Маре Јаневска ни подаде да ја дегустираме нејзината салата со тиква, рукола и црн грав, таа, во овој период од годината е често на нашето мени, сега модифицирана, надградена со калинки и во сѐ поголеми дози
На еден настан во средното училиште „Лазар Танев“ пред 5-6 години, меѓудругите чудесии кои тогаш ги приготви шеф Маре Јаневска, имавме можност да ја пробаме нејзината салата со тиква и рукола. Оваа салата беше откритие на деценијата, таман по наша мерка, лесна и едноставна за приготвување, со достапни состојки и плус, со оваа комбинација на тиква и грав, достојна, многу вкусна и здрава замена за цел оброк.
И бидејќи оттогаш, во овој период од годината кога се актуелни тиквите, салатата е често на нашето мени, задолжително ја споменуваме и нашата омилена шефица која, неодамна, по долгогодишниот работен ангажман како готвачка, домаќинка и човек за сѐ во британската резиденција во Скопје, се отсели со своето семејство во Германија да ги разгалува со своите специјалитети нејзините нови пријатели во новата средина, а на Скопје веќе му недостасува. Во британската резиденција, пак, сигурно денот на нејзиното заминување го прогласиле за ден на жалост. Може да кажеме само: тешко на тој што ја наследил, бидејќи ќе мора да исполнува високи критериуми.
Ние сега ќе го споделиме рецептот за оваа вкусна салата во нејзината првична, но и во нашата, модифицирана варијанта.
Во меѓувреме очекуваме новости и по некој нов рецепт од шеф Маре, инспириран од нејзините нови, германски искуства.
Состојки:
Тиква
црвен грав
црвен кромид
сол, црн пипер
масло
балсамико
мајонез
малку лук
киселина од корнишони
рукола
или зелена салата
по желба можете да додадете и зрна од калинка.
Приготвување:
Излупете ја тиквата и исечете ја на коцки. Ставете масло, сол и црн пипер, ставете ги во тепсија обложена со хартија за печење и испечете ги. Оставете да се олади.
Во меѓувреме, исечете го кромидот на резанки, ставете оцет балсамико и додадете го гравот од конзерва.
Во друг сад помешајте мајонез со малку рендан лук и киселина од теглата со корнишони.
Наредете ги сите состојки по редослед и доколку ја консумирате салатата веднаш, ставете свежа рукола или зелена салата.