Секое утро почнете го со лажичка лен

Фото: Pixabay
533

Ленот e oдличен извор на здрави масти и посебни растителни влакна кои позитивно влијаат на организмот.

Лененото семе е намирница која е повеќе од препорачливо да се воведе во секојдневната исхрана. Ленот е одличен растителен извор на омега 3 масни киселини. Повеќе истражувања укажале дека омега 3 масните киселини придонесле за намалување на воспаленијата во организмот, а исто така многу поволно влијание и на здравјето на коските, срцето и мозокот. Освен тоа, мастите даваат чувство на ситост, па ако додадете лажица ленено семе во својата утринска каша или смути, ќе бидете сити многу подолго.

Ленот е посебен на уште еден начин. Само една лажичка лен ви дава 20 отсто од препорачаната количина на растителни влакна. Притоа, ленот содржи посебни влакна, т.н. лигнани за кои се знае дека имаат антиканцероген ефект.

Кога ленот ќе го оставите потопен пократко време во течност, тој набабрува, што придонесува за чувството на ситост кога ќе го изедете. Освен тоа, потопениот лен станува слузав  и во комбинација со влакната кои ги содржи, има благ лаксативен ефект, што е исто така добра работа.

За оние кои постат или не консумираат јајца, добра вест е што ленот може да послужи како целосно соодветна замена за јајца во колачите, палачинките, пецивата и во други јадења. За да добиете замена за едно јајце, помешајте лажица мелен лен со три лажици вода. После 10 минути, ленот ќе стане желатинозен, такашто по конзистенцијата ќе потсетува на јајце и ќе можете и натаму да го користите во рецептите наместо јајца. Уште една добра работа е што ова „ленено јајце“ има наполу помалку калории од обичното јајце, такашто намирниците кои ќе ги подготвите со лен наместо со јајце ќе имаат помалку калории.

Важна напомена:

За да може хранливите материи на ленот да се искористат, неопходно е ленот да се сомеле. Семето на ленот има многу тврда обвивка, па ако само додадете ленено семе во било кој оброк, тоа само ќе помине низ органите за варење несварено. Исто така, меленото ленено семе треба да се употреби веднаш, затоа што многу брзо оксидира. Ако купувате мелено ленено семе, тогаш внимавајте да биде во специјални пакувања кои спречуваат оксидација.