Осумчасовна диета или „повремен пост“ е начин на исхрана во кој ви е дозволено да јадете само во ограничен временски интервал (обично 8 часа). Докажани се бројни предности на оваа диета, која стана популарна опција за сите кои имаат за цел да го подобрат здравјето и истовремено да ослабат. Сепак, според Eat This, Not That, новото истражување покажало дека оваа шема на исхрана може да доведе до опасни несакани ефекти.
Една нова студија објавена во списанието Eating Behaviors ги анализирала податоците од канадското истражување на однесувањето во здравјето на адолесцентите. Земајќи ги предвид информациите за повеќе од 2.762 адолесценти и млади возрасни, резултатите покажале дека во текот на една година, 38,4% од мажите и 47,7% од жените биле на осумчасовната диета или „повремениот пост“, односно, јаделе само во ограничен временски интервал (обично 8 часа).
Експертите кои стојат зад студијата откриле дека наизменичното постење е значително поврзано со нарушено однесување во исхраната. Тоа вклучувало прејадување и повраќање, но и компулсивно вежбање.
„Посебно се истакнати врските пронајдени помеѓу повременото постење и однесувањето на пореметувањата во исхраната, со оглед на значителното зголемување на нарушувањата во исхраната кај адолесцентите и младите возрасни лица од почетокот на пандемијата“, рекол д-р Џејсон М. Нагата. Експертите велат дека знаците на поврзаноста откриени од студијата се веќе видливи во пракса.
„Луѓето често ја започнуваат практиката на повремен пост заради здравјето, бидејќи тоа е нешто што се промовира како здраво. Меѓутоа, ограничувањето на нашиот внес може да доведе до други екстремни однесувања во исхраната“, велат тие. Игнорирањето на гладот може да предизвика уште поголема глад, што често резултира со прејадување. Таквото однесување може да поттикне и нездрави навики како што се прекумерно вежбање или повраќање.
„Мило ми е што гледам студија која користи голем збир на податоци за да покаже дека овие поврзаности се значајни, за да можеме да ги предупредиме другите дека повременото постење е нешто на што треба да се внимава“, вели Мери Курнут, експерт во Центарот за нарушувања во исхраната. Таа исто така забележува дека оние со историја на нарушувања во исхраната никогаш не треба да го пробаат овој тип на диета. Треба да ја избегнуваат и оние кои сметаат и чувствуваат дека имаат неурамнотежен однос со храната.
За другите заинтересирани за повремениот пост, Курнут вели: „Нашите тела природно постат преку ноќ. Ако некој одлучи дека би сакал повремено да пости, односно, во одреден временски период подолго од нашиот природен пост во текот на ноќта, додека спиеме, го охрабрувам да разговара за ова со регистриран диететичар.