Пет подрачја во светот ја имаат најголемата концентрација на стогодишници. Станува збор за таканаречените „сини зони“, а во секоја од нив се консумира различна храна карактеристична за тие региони. Сепак, може многу да се научи од нивниот начин на живот и секојдневната исхрана, за да се види која е причината за нивната долговечност.
Терминот Сина зона прво доаѓа од италијанскиот епидемиолог Џани Песо и белгискиот демограф Мишел Пулен, кои ги истражувале стапките на смртност во Сардинија. Обележувајќи ги регионите со висока долговечност со сино во раните 2000-ти, нашле група со исклучително долг животен век во провинцијата Нуоро на островот. Работејќи со американскиот новинар Ден Бутнер, тие оттогаш идентификувале неколку други региони ширум светот – истражување од кое во 2008.година настана најпродаваната книга на оваа тема.
Во текот на следните 12 години, многу научници продолжија да ги истражуваат Сините зони, со многу интригантни хипотези за тоа што би можело да ја објасни долговечноста на луѓето во овие региони.
Определени се пет региони во кои живеат најдолговечните луѓе на светот:
Островот Икарија во во Грција, островот Окинава во Јапонија, округот Ољастра на италијанскиот остров Сардинија, заедница на Адвентистите на седмиот ден во Лома Линда, Калифорнија и полуостровот Никоја во Костарика.
Начинот на живот на луѓето во Сините зони има одредени заеднички карактеристики
Прва е диетата. Во минатото, многу луѓе во Сините зони имаа тенденција да јадат умерено. Во Окинава постарите луѓе го следат древното правило „Хара хачи бу“ – јадат само додека стомакот не се наполни 80%. Покрај тоа што е прилично економична, исхраната во сините зони е главно растителна, што може да придонесе за поголемо здравје на срцето.
Духовна врска
Покрај нивните прехранбени навики, подеднакво важен е и социјалниот живот на овие стогодишници. Луѓето во сините зони имаат тенденција да живеат во високо интегрирани заедници.
Чувството на социјална кохезија помага да се намалат ефектите од стресот, додека одговорноста за одржување на тие пријателства поттикнува поголема севкупна ментална и физичка активност. Религијата нуди еден важен извор на социјална кохезија во Сините зони. На пример, жителите на Лома Линда се претежно адвентисти на седмиот ден, додека Никонијците се католици, Икарите се православни, а луѓето од Окинава ја практикуваат риукјанската религија. Пишувајќи статија за American Lifestyle Magazine, Бутнер опишал како сите, освен 263 стогодишници од Сината зона со кои разговарал, биле дел од некоја духовна заедница.
Горчливо-слатки решенија
Исклучителната долговечност на жителите на Окинава предизвикала голем интерес за двете најчести состојки: слаткиот компир и горчливата диња.
Додека оризот е основен јаглехидрат за поголемиот дел од Јапонија, слатките компири долго време се најчестите јаглехидрати во Окинава откако за прв пат биле претставени во 1600-тите. За разлика од храната како што е белиот леб, тој има низок гликемиски индекс, што значи дека неговата енергија полека се ослободува во крвотокот. Исто така е полн со хранливи материи како што се витамините А, Ц и Е, антиоксиданти кои можат да ги исчистат штетните слободни радикали и да го намалат воспалението.
Помалку истражена можност е дека можеби и местото каде што живеат овие луѓе има влијание врз нивната исклучителна долговечност
На пример, Сината зона на Сардинија се наоѓа во неверојатни планинските делови на островот, кои често се нарекуваат „Селваџо Блу“ (Сина дивина). Повеќето стогодишници кои живееле на Сардинија биле земјоделски работници, што ги навело научниците да претпостават дека стрмните падини ја зголемуваат физичката активност во нивниот и онака напорен секојдневен живот. Тие се спортисти благодарение на нивниот природен пејзаж и традиционалниот начин на живот.
Јасно е дека исклучителната долговечност во Сините зони не може да се ограничи на една магична состојка, туку е комбинација од многу фактори – од кои некои се заеднички за регионите, а некои се единствени за секое поединечно место. Има многу работи што би можеле да ги научиме и можеби да ги усвоиме од овие откритија.
Јадете умерено со многу овошје и зеленчук, вежбајте многу, најдете место за духовна утеха – тоа се работи кои сите можеме да ги вклучиме во секојдневниот живот.
10 намирници за долг живот
Може да се издвојат намирниците кои се консумираат во секоја од овие области.
Авокадото, кое има долг список здравствени придобивки, е особено популарно во градот Лома Линда. Според статија на „Нејшнал џиографик“, авокадото помага во намалување на холестеролот и содржи 30 отсто повеќе калиум од бананите. Утврдено е и дека авокадото помага во контрола на тежината и ја намалува опасноста од дијабетес тип 2.
Гравот е основна храна во повеќето „сини области“ оти обезбедува корисни количини влакна и други хранливи материи кои помагаат во борбата против повеќе болести. На пример на островот Икарија, познато е дека гравот има антиканцерогени и антидијабетични својства, а здрав е и за срцето. Во заедницата Никоја секојдневно се јаде и црн грав, често со тортиљи од ориз и пченка. Црниот грав содржи големи количини влакна и антиоксиданти.
На јапонскиот остров Окинава, луѓето редовно јадат лук. Според науката, лукот е еден од „најмоќните лекови на природата“ и се поврзува со помала опасност од болестите на староста. Поточно, според напис на „Антиоксиданс“ овој зеленчук има антиоксидантни и антиинфламаторни својства и е познато дека помага во спречување одредени видови рак, дијабетес и кардиоваскуларни болести.
Белиот компир е основна храна за луѓето на Икарија, а виолетови компири редовно се консумираат на Окинава. Виолетовите слатки компири содржат фитохемикалии наречени антоцијани, за коишто е познато дека помагаат во спречувањето болести. Слаткиот компир е богат и со витамини А, Б-6, Ц, калиум и растителни влакна. Сѐ тоа помага во одржуувањето низок крвен притисок.
Икарјаните користат и маслиново масло, секојдневно. Списанието „Нутриентс“ објавува дека екстрадевственото маслиново масло има долг список докажани здравствени придобивки, што ги прави многу луѓе во Средоземјето – најздравите луѓе во светот.
Лососот и другите масни риби обично ги јадат адвентистите во Лома Линда. Овој вид храна содржи високо ниво на омега-3 масни киселини, за кои се знае дека помагаат за здравјето на срцето и ја намалуваат опасноста од срцеви болести, како и воспаленија.
На Сардинија, луѓето јадат и пијат производи од козјо млеко, леблебии, сомун, како и т.н. леб од кисело тесто. Овој леб се прави од цело зрно пченица и живи лактобакцили. Според „Нејшнал џиографик“, печењето кисело тесто потоа помага во претворањето на шеќерот во млечна киселина. Таа пак, го намалува гликемискиот индекс, што значи ситост подолго време и стабилно ниво на шеќер во крвта.
Доматот содржи ликопен, антиоксиданс познат по своите антиинфламаторни својства, како делотворно средство против крвниот притисок, метаболичкиот синдром и мозочен удар. Тука е и антиканцерогениот бета-каротен.