Со овие билки подобрете ја циркулацијата: Заборавете на студените раце и нозе

Фото: Pexels
449

Пореметувањето поради кое не можете да ги загреете рацете и нозете најчесто е предизвикано од лошата циркулација на крвта, која може да биде предизвикана и од сериозни болести. Покрај терапијата што ја пропишува официјалната медицина, од помош можат да бидат и лековитите билки.

Нарушувањето на циркулацијата на крвта најчесто е резултат на некоја болест или патолошка состојба, кои не се секогаш безопасни. Тоа може да бидат наследни болести, стрес, стареење, дијабетес, неправилна исхрана, недостаток на физичка активност, дефицит на одредени хранливи материи, нарушување на метаболизмот на мастите, висок крвен притисок, дебелина, атеросклероза, проблеми со ‘рбетот, воспаление на крвните садови, бременост.

Неопходно е да се провери нивото на железо и хемоглобин

Бавниот проток на крв може да предизвика пад на концентрацијата, вртоглавица, заборавеност и трнење во рацете и стапалата, а ако некој чувствува и замор и срцебиење, треба да го провери нивото на железо и хемоглобин, бидејќи може да се работи за анемија. На крајот, ослабената циркулација може да доведе до формирање на тромб во вените и да предизвика срцев или мозочен удар.

За да се утврди точната причина за нарушувањето на циркулацијата, потребно е да се направи лабораториска анализа на крвта, ангиографија, колор доплер, магнетна резонанца, ултразвук или некои други тестови во зависност од останатите симптоми. Кога ќе се постави дијагнозата, лекарот пропишува терапија, која понекогаш вклучува лекови против формирање на згрутчување на крвта, една од посериозните последици од ослабената циркулација. За ублажување на овој проблем, покрај синтетичките лекови, голема помош можат да бидат и билните пијалаци и облоги.

Рузмарин
Во народната медицина, рузмаринот најчесто се користи во вид на напиток и облог. Виното направено од оваа билка е одлично средство за забрзување на протокот на крв, а се подготвува на следниов начин: една рака листови рузмарин прелијте со литар домашно вино, истурете ја смесата во стаклено шише и оставете да отстои седум дена, секојдневно протресувајќи.

Осмиот ден процедете и пијте по една мала чаша (0,3 дл) на ден пред појадок и ручек.

Чајот од рузмарин може да се пие или да се подготви како облог: варете 5 гр листови рузмарин две минути во 1,5 дл вода, па процедете. Пијте една шолја наутро и една навечер. Во овој чај може да се натопи ленена крпа, која потоа се завиткува околу стапалата и се покрива со сува, топла крпа. Се чува половина час навечер, пред спиење.

Ѓумбир
Соединенијата од ѓумбирот ги прошируваат артериите и на тој начин ја подобруваат циркулацијата. Ова растение е ефикасно средство за намалување на холестеролот и триглицеридите во крвта, а дополнително ги ублажува ревматските болки, го загрева телото, ги отстранува мускулните грчеви и ја стимулира функцијата на црниот дроб.

Чајот се приготвува така што две лажички свеж или лажичка сув ѓумбир се прелива со шолја зовриена вода, се меша и се остава малку да се излади. Пијте топол напиток два пати на ден.

Ајдучка трева
Оваа билка ја подобрува циркулацијата и има антитромбоцитно дејство. Свежиот екстракт (сок) од ајдучка трева е одличен лек против проширени вени, венски застој и притисок во главата проследен со болка.

Во случај на слаба циркулација се зема тинктура која се подготвува по стар народен рецепт: во литар домашна препечена ракија ставете 100 гр цветови и листови од ајдучка трева. Оставете да отстои осум дена, со секојдневно протресување. Процедете го во чисто шише и пијте по една кафена лажичка три пати на ден пред јадење.

Лук
Освен што го намалува нивото на холестерол во крвта и високиот крвен притисок, го спречува создавањето на згрутчување на крвта (тромбови) и го спречува развојот на атеросклероза, лукот ги проширува крвните садови и го загрева телото. Зготвен со кисел зеленчук, како што се доматите, ослободува ахоин, кој делува против тромбоза.

Тинктура: исчистете и здробете 350 г лук во дрвен сад, а потоа истурете во темно стаклен сад и покријте со 3 дцл алкохол. Добро затворете и чувајте го на ладно и темно место, но не во фрижидер. По 10 дена, процедете го талогот, а потоа филтрирајте ја тинктурата преку четирикратна газа. Во наредните три дена тинктурата треба да биде на истото место и под исти услови. Пијте три пати на ден од пет до 25 капки.