Стефано Канело: Не ја исклучувам можноста еден ден „Ридел“ да направи чаша за македонскиот Вранец

316

Нашиот соговорник е потпретседател за продажба за Јужна Европа на најпознатата компанија за вински чаши „Ридел“. Во интервју за „Арт кујна“ тој зборува за тоа како се одразува формата на чашата врз вкусот на виното што го пиеме и не ја исклучува можноста еден ден компанијата да направи чаша за македонската национална сорта грозје, Вранец.

Воочи едукативната и забавна работилница која веројатно засекогаш ќе го промени начинот на кој досега сме го пиеле и сме го перцепирале виното, зборувавме со Стефано Канело, потпретседателот за продажба за Јужна Европа на Riedel the Wine Glass Company. На утрешната работилница (26.октомври), во винарија Камник, специјализираната продавница за вина, wine.mk, во соработка со Riedel the Wine Glass Company, еден од најдобрите светски производители за вински чаши, ќе биде акцентирано значењето на изборот на чашата за вино и влијанието врз вкусот на виното.

Преку практични и конкретни примери, потпретседателот на Ридел, Стефано Канело ќе демонстрира како формата на чашата влијае на целокупното искуство на дегустирање на виното и како со различни форми на чаши се доловува максимално потенцијалот на виното со своите ароми, вкус и баланс.

Кажете ни нешто повеќе за себе и колку долго сте веќе во оваа компанија која инаку има многу долга традиција?

Во Riedel сум од 2017 година. Моето претходно искуство е исто така во винската индустрија, каде што работев за престижна винарија од Пиемонт, промовирајќи вина во Италија, Австрија и Швајцарија. За мене може да се каже дека сум страстен љубител на виното и веќе 6 години целосно посветен на комуникацијата за тоа како чашите од брендот Riedel можат да го променат вашето искуство за уживање во виното.

Ме интересира како и зошто вашата компанија се специјализирала токму за чаши за вино?

Riedel постои од 1756 година, а од пред 50 години е специјализирана за вариетални чаши. Компанијата постои благодарение на интуицијата на Клаус Жозеф Ридл, 9-та генерација, кој им подари живот на чашите од сомелиерската линија, сега веќе добро познати како икони на сите модерни вински чаши.

Дали обликот на чашата навистина може да го смени вкусот на вината?

Дефинитивно да, формата според нас е клучна кога е во прашање уживањето во виното. Правилниот облик на чашата го насочува протокот на виното во специфична форма во устата, станувајќи и гласник на виното.

Ви се случило ли некое вино еднаш да ви се допаѓа, а другпат не само затоа што сте го пиеле од „погрешна“ чаша? 

Да, пред да ја откријам филозофијата на Riedel и најчесто беше толку разочарувачко и тешко да поверувам. За мене беше шокантно кога го открив искуството да се консумира виното во правилната чаша и колку тоа може да биде значајно за виното. Единствениот начин да можеме да го прикажеме ова искуство преку нашите производи е да ги поканиме луѓето да пробаат, да дегустираат. Уживањето е загарантирано бидејќи „чашата никогаш не ве изневерува“.

Колку видови чаши за вино постојат?  

Постојат доволно вински чаши за да се покрие најголемиот дел од познатите сорти грозје од винскиот свет. Очигледно некои вина имаат сличности и можеме да користиме иста форма. Нашата работа е бесконечна кога станува збор за адаптирање и креирање нови форми. Се менуваат методите на производство, се менуваат вината, доаѓаат нови генерации производители на вино. Постојано работиме блиску со производителите на вино за да помогнеме и да го креираме заедно најдоброто можно винско искуство.

Што треба да знаете за да станете дизајнер на чаши за посебни видови вино и колку стручњаци работат на дизајнот на чаша за едно посебно вино? 

Верувале или не, ние не ги дизајнираме нашите чаши… немаме ни сектор за дизајн во нашите фабрики. Обликувањето на чашата се врши преку организирани работилници ширум светот заедно со производителите на вино, посебно со оние кои ги сметаме дека се најблиски до одредена сорта вино, сорта типична за нивната винарија. Тоа е еден навистина фасцинантен процес.

Ги познавате ли македонските вина и има ли шанси вашата компанија да дизајнира чаша за некое македонско вино како што го направи на пример за истарската малвазија и кое вино би можело да биде тоа?

Благодарение на нашиот дистрибутер се запознав со вашата прекрасна сорта Вранец. Комплексна и интригантна сорта. Не ја исклучувам можноста еден ден да направиме чаша за македонската национална сорта грозје.