Сите гастрономски адути на Македонија на едно место: Слоу фуд салон 2022

363

Ако прашате кој било странец што дошол во Македонија што му се допаднало најмногу, нема шанси да не ја спомне македонската традиционална храна. Практично, храната е нашиот идентитет, а токму тоа е и мотото на второто издание на Слоу фуд салонот кој е закажан за 29.октомври во хотел Лимак. Нашите мали производители на храна со традиција и идентитет ќе ги изложат своите вкусни ремек-дела, а вие ќе можете да ги вкусите и да си ги купите за дома

Дали некогаш сте имале гостин од странство кој не бил воодушевен од македонската храна?

Или пак, сигурно ви се случило да сте некаде во странство и кога ќе кажете од каде сте, да се најде некој кој некогаш бил во Македонија и ви кажува дека токму тука ја вкусил најдобрата храна.

Благодарение на сонцето и плодната почва, македонската храна е богата со вкусови, а климата е совршена и за одгледување на исклучителна палета на вина. Накусо, храната е идентитет, а нашата храна е идентитет со големо реноме во светот.

„Храната е многу повеќе од едноставно задоволување на нутритивните потреби. За нас храната е #ИДЕНТИТЕТ! Тоа е нашето мото на овогодинешното издание на Slow Food салон 2022 со кое сакаме да укажеме на нејзинoто потекло, поврзаност и мултифункционалност. Нашата традиционална храна е дел од нашиот идентитет исто како и јазикот, музиката, обичаите. Нашите баби и мајки ги знаат рецептите за највтентичните специјалитети и треба да учиме од нив.

Второто издание на Slow Food салон 2022: Храната е идентитет! ќе се одржи на 29.10 2022 година од 12-20 часот во Limak Skopje Luxury Hotel. Шестиот кат од хотелот ќе биде подготвен да ги пречека нашите производители кои ќе ги угостат сите посетители и хедонисти“, велат организаторите од Слоу фуд.

Традицијата, знаењето и вештините пренесувани од генерација на генерација се отелотворени во вкусовите на најдобрите производи кои ќе можеме да ги вкусиме, но и да си ги купиме на вториот салон на Слоу фуд Македонија во сабота (29.10 2022), од 12-20 часот.

Сите специфики поврзани со поднебјето, како што се релјефот, надморската висина, почвата, водите, климата даваат отпечаток врз производите т.е. го градат идентитетот на производот. Ова најдобро знаат да го валоризираат нашите винари. На салонот на Слоу фуд ќе можат да се пробаат и да се купат и вина од најавтентичните микролокации и тероар во Македонија.

Биодиверзитетот е во основата на идентитетот на храната. Без разлика дали „дивиот“ од нашите реки, езера или планини или „култивираниот“ кој е производ на селекција со децении од страна на нашите земјоделци, потребно е да го зачуваме, бидејќи е наше обележје. Слоу Фуд со децении е посветен на оваа цел. Богатиот биодиверзитет на македонската храна ќе биде сервиран на Slow Food салон 2022: Храната е идентитет!, а сите гастрољупци ќе имаат можност да уживаат максимално во одбраните производи кои со своите бои, мириси и вкусови ја раскажуваат приказната за нивните производители, за автохтоните семиња, за вештините и техниките на производство, за поднебјето и посветеноста на локалната заедница во нивното зачувување. Храната, особено традиционалната е дел од историјата и културата, таа претставува автентично обележје на локалната заедница, веродостоен одраз на – поднебјето, биолошката разновидност, знаењето, традицијата и одржливоста. Таа го презентира локалниот идентитет кој треба да се надоградува, негува и чува.

„На второто издание на „Slow Food салон 2022“ му додаваме доза на ексклузивност и елеганција, бидејќи нашите херои, производителите, го заслужуваат тоа. Затоа, заедно да ги запознаеме потрошувачите со локалните производи, да ги едуцираме новите генерации за храната со идентитет, да ги издигнеме на пиедестал гастрономските обележја на македонските региони…Целта ни е да го свртиме вниманието на производителите, консументите, носителите на одлуки за важноста на нашата локална храна во нашето општество и нашите животи во осигурување на нашата благосостојба и иднина“, велат од Слоу фуд.