Признанијата за Тиквеш се добиени во конкуренција на илјадници вина од десетици земји во светот. Вината се оценувани од меѓународно жири составено од врвни енолози и сомелиери, признати трговци на мало со исклучително знаење на виното, вински новинари и научници од целиот свет. Оценувањето на вината се одвива „на слепо“.
Вината на „Tikveš Châteaux&Domainеs“ добија уште една важна потврда на својот исклучителен квалитет на еден од најпрестижните и најголеми вински натпревари во светот – „Мундус вини“ 2022, освојувајќи четири златни медали и едно специјално признание.
На пролетното издание на овој врвен меѓународен вински натпревар златни медали освоија Sauvignon Blanc Barovo 2021, Barovo red 2019, Domaine Lepovo Pinot Noir 2019 и Terrasse a L’Ombre 2019, при што ова исклучително вино од француската винарница на „Тиквеш“ – Château de Gourdon, беше оценето и како „Најдобро од долината на Рона“, еден од најпознатите вински региони во Франција, во кој е лоцирана винарницата. За истакнување е и дека виното Sauvignon Blanc Barovo 2021 добива значајно признание, какво што е златниот медал на „Мундус вини“, уште во првата година по неговото создавање и лансирање на пазарот.
Значењето на овие признанија за вината на „Tikveš Châteaux&Domainеs“ е дотолку поголемо што се добиени во конкуренција на илјадници вина од десетици земји во светот. Вината се оценувани од меѓународно жири составено од врвни енолози и сомелиери, признати трговци на мало со исклучително знаење на виното, вински новинари и научници од целиот свет. Оценувањето на вината се одвива „на слепо“, што значи дека жирито нема информации за карактеристиките или брендот на виното кое го дегустира.
Наградите на „Мундус Вини“ се оценети и како значајна маркетиншка алатка за зголемување на препознатливоста при настапот на високо конкурентните светски вински пазари.
Винарската визба „Тиквеш“ е најнаградуваната винарница во поширокиот регион. Во последниве години вината на „Tikveš“ и „Tikveš Châteaux&Domaines“ годишно освојуваат над 100 награди и признанија на реномирани меѓународни вински натпревари.