Шведски стартап создаде плескавица со вкус на човечко месо

112

Рекламата за тoj бургер е наградена на престижниот Cannes Lions. Што се случува? Произведувачот порачува дека таа не е наменета да ја јадеме, туку да им каже на луѓето дека со денешната технологија, растителните состојки навистина можат да создадат вкусови идентични со вкусовите на сите видови месо.

За што станува збор? Како прво, зошто некој, дури и од чист егзибиционизам, би ја искористил сета таа технологија и пари за да направи веганска плескавица со вкус на човечко месо? И второ, зошто еден престижен светски фестивал како Cannes Lions би ѝ доделил награда на маркетинг агенцијата што ја изработила рекламата за тој бизарен бургер? Кога ќе се прочита малку повнимателно, оваа приказна не е само евтин собирач на кликови. Да почнеме со производителот. Шведскиот стартап Oumph! од Стокхолм припаѓа на таканаречените фирми предизвикувачи. Неговата примарна цел е да развие нови оригинални концепти кои треба да ги поместат концептите на целиот пазар или во цели категории.

Нивниот бургер од човечко месо всушност го коментира целиот пазар на производи од растително потекло денес, особено имитациите на месо од растително потекло. Го рекламираат со тврдење дека „има ист вкус како луѓето“.

„Го развивме овој бургер за кратко време, штом знаевме каков вкус и текстура бараме“, вели основачот на Oumpha! Андерс Линден во видео на Јутјуб. Минатата зима за Ноќта на вештерките, Human Meat Plant Burger за прв пат се појави пред клиентите, го печеа во камион за храна во Стокхолм и беше продаден како „најстрашната растителна храна на сите времиња“.

Тие објавија и кратка реклама во манир на хорор филмовите. Кампањата ја потпишува мадридската агенција LOLA MullenLowe која неодамна доби награда за неа на Cannes Lions, згора на тоа добија сребрен медал. За што се работи?

Целта на Oumph! е да се менуваат начините на кои се храниме. Во овој контекст најважен е преминот кон претежно растителна исхрана. Но, никој не може да ги убеди вистинските љубители на месо дека растителните производи можат да ги имаат токму истите вкусови како нивните омилени хамбургери, стекови и колбаси. Затоа Oumph! го избра најефективниот метод – шок. Плескавицата која наводно има ист вкус како човечкото месо не е наменета да ја јадеме, туку да им каже на луѓето дека со денешната технологија, растителните состојки навистина можат да создадат вкусови идентични со вкусовите на сите видови месо.

Human Meat Plant Burger е резултат на креативниот процес со кој Oumph! и LOLA MullenLowe решија да им ја пренесат оваа порака на луѓето и да ги заинтересираат за растечката нова генерација растителни производи, кои по богатство на вкус и гастрономски потенцијал не заостануваат зад животинските оригинали. Самата плескавица е направена од соја, печурки и пченичен протеин, додека не сакаат да го откријат рецептот за растителната маст и текстурата. На крајот, се чини дека сепак не е создадена нова категорија за канибали загрижени за климатските промени. Но, пораката што сакаа да ја пренесат е многу јасна.