Шеф Дејан Карапеев стана татко, мекици се прават и во Скопје и во Сплит

1.470

Тато Дејан од минатата година е партнер во коноба „Корта“ во Диоклецијановата палата во Сплит, па малата Елена се роди во овој преубав хрватски град на море. Затоа денес ќе се прават мекици и во конобата во Сплит (ќе ги прави Даниела Лазаревска) и во „Естел фуд гуру“ во Скопје каде што шеф Зоки Мајновски-Спиди веќе направил цел куп

Најмладиот од најпознатите македонски шефови, 32-годишниот Дејан Карапеев, кој од минатата година е партнер во коноба „Корта“ сместена во срцето на Сплит, поточно, во Диоклецијановата палата, вчера стана татко на ќеркичка.

Денес, во нејзина чест ќе се јадат мекици и во Скопје и во Сплит. Во Сплит мекиците ќе ги прави Даниела Лазаревска, инаку, како и Дејан, член на Алијансата на готвачи на Слоу фуд Македонија која оваа сезона работи во Сплит. Во меѓувреме, се прават мекици за адет и во Скопје. Шеф Зоран Мајновски Спиди, веќе ги направи мекиците во својот бутик за готвена храна „Естел Фуд Гуру“ во Аеродром. Тој му е колега и исто така член на Алијансата на готвачи на Слоу фуд Македонија, но и старосват на Дејан и со голема радост направи цел куп мекици, а во недела ќе прави и мајката на Дејан.

Малата Елена се родила во Сплит, но среќниот татко не присуствувал на породувањето.

„Тука има тридневен курс и кој сака може да присуствува, ама јас не сум за тоа. Ѝ кажав на Рената дека ако дојдам со неа на породувањето, ќе се онесвестам па докторите наместо за неа и за бебето, ќе мора да се вртат околу мене“, се смее Дејан.

Инаку, Рената и Елена се добри, а на Дејан му е тоа најважно од сѐ.

„Сега, односно, за некој месец, Рената ќе си има друштво за на плажа“, вели Дејан.

Дотогаш, бидејќи тој има навистина многу обврски со ресторанот, а во Сплит е веќе почната туристичката сезона, на помош ќе долетаат бабите, прво едната, потоа другата.

„Ќе дојде мајка ѝ, а потоа мајка ми, ќе се менуваат затоа што јас имам многу обврски со ресторанот, но денес одам да ги видам и сум пресреќен“, ни кажа Дејан.

Инаку, неговата сопруга е од истата бранша и работеше во еден од најексклузивните ресторани во Сплит – „Бокериа“, така што многу добро знае како изгледаат обврските на Дејан. Во секој случај, бабите и онака едвај чекаат да ја видат внуката.

Да е жива и здрава Елена за која сме сигурни дека додека расте покрај двајца професионални готвачи, добро ќе се храни.