Јадења со костени: Направете леб, крем супа и њоки

Фото: Unsplash
196

Ако и вие ја сакате есента само заради костените, тогаш искористете ги максимално. Не само печени и варени, туку и за да направите леб, супа и њоки

Костените секогаш ни мирисаат на есен. Тие асоцираат на престој во природа, шетање во шума и весело семејно дружење. Посебен шарм имаат посвежите есенски вечери со оган во градината и звукот и мирисот на печењето на костени. Костенот во нашиот регион почнува да зрее веќе кон крајот на септември. Тогаш плодовите лесно може да се истресат од дрвото, но сепак е тешко да се отстранат од лушпата со боцки во која созреваат. Најдобро е да ги оставите таквите лушпи неколку дена додека плодовите во неа целосно не созреат и сами не испаднат. Ви претставуваме неколку рецепти во кои можете да користите костени во слатки и солени јадења.

Леб

Состојки:

150 гр пире од костен, незачинет

200 гр брашно

1 лажица мед од костен

10 гр свеж квасец

прстофат сол

150 мл млака вода

1 лажица маслиново масло

Приготвување:

Во малку млака вода растворете ги квасецот и медот. Оставете десетина минути да стаса квасецот. Во сад се мешаат брашното и пирето од костенот, се додава квасецот и се замесува тесто со раката, додавајќи малку по малку вода. На крајот посолете и продолжете со месење за да добиете мазно тесто. Оставете го тестото да нарасне во сад покриен со фолија. Тестото мора да се удвои во големина. Дното на садот за печење обложете го со хартија за печење премачкана со малку маслиново масло. Работната површина набрашнете ја, на неа обликувајте го тестото по желба, префрлете го во садот и печете во загреана рерна на 180 степени целзиусови, додека не порумени (околу 30 минути). По првите 10 минути намалете ја температурата на рерната на 150°C за да не изгори површината на лебот. Изладете го лебот пред да го исечете.

Крем супа

Состојки:

250 гр пире од костен

1 мал кромид

1 чешне лук

1 лажица путер

1 зеленчукова коцка за супа

1/4 корен од целер (100 г)

1 морков

морско оревче, сол, црн пипер

1,5 дцл павлака за готвење по желба

1,5 л вода

магдонос за декорација и препечени коцки леб

Приготвување:

Во тава загрејте две лажици маслиново масло, додадете ги парчињата леб исечкани на коцки и пржете ги од сите страни до златно-кафеава боја и оставете ги на страна. Во посебно тавче се става путерот, се додава една лажица маслиново масло и штом се растопи се додава кромидот исечен на тенки ленти, ренданиот морков, коренот од целер, се посолува малку и се динста на тивок оган додека зеленчукот не омекне.

Потоа додадете го згмечениот лук во тавата, додадете малку морско оревче, промешајте и штом лукот ќе почне да мириса, додадете го пирето од костен и малку издробете го. Потоа истурете го зеленчукот, измешајте сè заедно со миксер, додадете ловоров лист и кога ќе зоврие, варете на тивок оган 2-3 минути. Потоа измешајте во блендер, а по потреба зачинете со сол и црн пипер. Готовата супа од костени сервирајте ја во длабоки чинии, додадете од препечените коцки леб, свежо сечкан магдонос и послужете.

Њоки

Состојки:

150 гр варени компири

350 гр исчистени варени костени

30 гр остро брашно

2 жолчки

рендано морско оревче

сол

Приготвување:

Варете го костенот 20 минути и излупете ја кората и тенката кора додека е уште топол. Измијте ги компирите и сварете ги со кора. Излупете ги сварените компири додека се уште топли. Компирите и костените испасирајте ги, а потоа додадете брашно, кусо изматени жолчки, рендано морско оревче и сол и сè измешајте. Ако се меси со рака, замесете меко мазно тесто без грутчиња. Работната површина убаво побрашнете ја, земете дел од тестото и од него направете долг цилиндар. Исечете ги њоките на ленти долги еден сантиметар, посипете ги со брашно и повторете го овој чекор додека не ви снема тесто. Загрејте ја водата во големо тенџере, додадете сол и капка масло во водата. Кога водата ќе зоврие додадете ги њоките. Њоките се готови кога ќе испливаат на површината. Њоките брзо испливуваат на површината, па доволни ви се 2-3 минути. Сварените њоки прелијте ги со растопен путер во кој сте пропржиле листовите жалфија, поросете ги со рендан пармезан и послужете.