Ако имаш бенд, нека биде Пинк флојд, ако имаш фарма – прави оригинално сирење

585

Кашкавал во листови од костен, сирење во листови од смоква и уште многу други авантури, згоди и незгоди, поточно, млечни експерименти, на Давид и неговите кози

Нашиот веќе долгогодишен пријател, младиот Давид Неделковски, кој е сега мега популарен благодарение на својата фарма „Кози, млеко, планина“, која е позната меѓу сладокусците по своите вкусни производи од козјо млеко, постојано изненадува со разни, како што ги нарекува самиот – раштавски млечни експерименти.

Последно што го забележавме како новитет на неговата ФБ страна, беше козјиот кашкавал во смоквини лисја, кој Давид го крстил Калеш Мара во листови од смоква, 5 месеци старо, кое како што се пофали, го „мавнал“ со густ мармалад од слива. Ова беше доволно да ја разбуди нашата љубопитност и да го прашавме Давид да ни раскаже за сите нивни раштавски млечни експерименти.
„Кога станува збор за експериментите од козјо млеко неопходно е да се опише што се придонесе до нашиот  моментален стадиум. Годините наназад најпрво фокусот беше да се стекне рутина и континуитет во однос на млекото што го измолзуваме и да добиеме зимница – сирење, односно да не се фрла млекото. Големо охрабрување, би рекол дури и просветлување, беше мојата посета во Бра (Италија), каде што видов и пробав еден нов свет кој ме охрабри да размислувам надвор од кантата со солило“, објаснува Давид.

Со оглед на тоа што тој во „минатиот“ (скопскиот) живот, освен што бил студент по археологија, бил и музичар, поточно, басист (приказната за тоа зошто го продал басот и си купил кокошки можете да ја прочитате ТУКА), дава и одлична споредба, па вели:

„После Бра ми се случи еден пресврт, па како што во светот на аудиофилијата постои потрага по совршен звук, така во млекото и  сирењето, но со предзнак на локалното и сезонското, ние имаме потрага по наш автентичен вкус. Значи, не копија, иако инспирацијата мора да ја црпиме од успешните вкусни приказни, сепак, ако веќе си бенд биди Пинк Флојд (тие немаат преработки на туѓи песни).
Често пријателите сакаат да пробаат од овие експериментални вкусови, но тоа мора да оди бавно, особено ако се комбинира со намирница карактеристична за одреден дел од годината, како на пример нашиот кашкавал со листови од костен на што ќе работиме веќе четврта година. Лани подоцна од што требаше ги собрав листовите и добив нешто друго, но оваа година знам кога треба тоа да се направи… Така, сега е на ред костенот и верувам дека оваа година ќе го добиеме тоа што го барам и дека ќе има поголеми количини иако во тој дел од годината обврските се преголеми што пак се испреплетува со политиката на одржливо одгледување затоа што биодиверзитетот и квалитетот на млекото се наш приоритет, односно реформите секогаш почнуваат од шталата“, вели нашиот соговорник. 
Бидејќи е чесен и искрен, Давид не пропушта да напомене и дека не е секој експеримент вкусен, односно, дека има и промашувања.

„На нив гледам како на штимање и стремеж за подобрување, така да некогаш експериментите завршуваат и кај кучињата и кокошките. Тука се и стручните пријатели од кои добивам совети, критики и забелешки за кои сум неизмерно благодарен. 
Желбата за учење и усовршување уште ме држи, а во главава имам многу идеи за оваа година на тема млечни  експерименти со сезонски печат, но и врз основа на искуства од минатото на човештвото“, вели Давид, а ние едвај чекаме некој нов експериментален вкус.