Ваташа не е позната само по песната, тука се крие и винарија со одличен Вранец

1.840

За Ваташа сите сме слушнале ако ништо друго, тогаш и заради песната „Ми заплакало село Ваташа“. Но Ваташа денес не живее во историјата, туку оди напред и е сè попозната и по нешто сосема друго, винаријата Параџик и вранецот закитен со злато на Beo-wine 2020

Блаже Стојановски, алијас Блаже Параџик го запознавме на винскиот салон во Битола. Млад човек, кој со внимание ги слушаше забелешките на некои од присутните познавачи и вински критичари, без трошка самобендисаност, напротив со широко отворени очи и уши, расположен да го слушне мислењето на експертите, но и на обичните консументи на вино.

А нашиот беше: „ммм, каков Вранец!“

Да, да, неговиот вранец ни остави впечаток иако не знаевме дека станува збор за вино кое веќе добило и значајно меѓународно признание – златен медал на Beo-Wine, саем на вино во Белград, во конкуренција од над 1300 излагачи од 14 земји.

Секако, токму тоа е и виното на кој е тој најмногу горд, иако се гордее и со сите други вина од семејната визба „Параџик“.

Блаже е веќе трета генерација која живее во Ваташа. Неговите лозови насади се лоцирани во атарот на селото, на локалитетот Моклиште (на околу 4 км оддалеченост од Ваташа).

За своето родно место вели дека е познато уште од 14.век, во времето на владеењето на османлиското царство од 1395-1912 година кое било и најголемата населба во градот Тиквеш. Познато е и по отварање на првата печатница во Македонија која ја отворил Даскал Камче,  најмногу по настанот од 16 јуни 1943. година кога во месноста Чаир недалеку од селото биле убиени 12 ваташки младинци од страна на бугарскиот окупатор. Во нивни спомен е напишана и познатата песна „Ми заплакало селото Ваташа“.

Инаку, Блаже уште како дете со неговите дедовци постојано одел по лозовите насади и неговите први знаења за лозарството ги научил од нив.

Вино пак почнал да прави со татко му.

„Првото вино го направив заедно со татко ми. Правењето на вино во нашата фамилија е традиција која што се пренесува од генерација на генерација најпрво само за себе, а подоцна тоа стана и моја професија“, раскажува Блаже кој прв почнал да се знимава професионално со винарство, бидејќи во тој правец и се образувал. Тој е дипломиран агроном – енолог и вели дека благодарение на своето обрзовние тоа што го имал научено од своите предци, успеал да го усоврши на едно повисоко ниво.

„Јас имам 35 години и сум семеен човек. Со сопругата Николинка имаме две деца, четиригодишниот Иво и четиримесечниот Марио. Живееме во заедница со татко ми Иво и мајка ми Маре и моето семејство ми е најголемата поддршка во работата. Сега јас сум главниот мајстор за виното, но и за вињакот кој наскоро ќе биде пуштен во продажба и за ракијата. Додека сопругата и мајка ми се задолжени за маџунот. Тајната на нашиот маџун е тоа што целиот процес се одвива во контролирани услови со што се спречува оксидацијата на природните шеќери.

Маџунот го користиме при правење на познатиот тиквешки десерт Раванија и за секојдневна консумација бидејќи е извор на природни минерали и витамини полезни за човечкиот организам.

Инаку, винаријата постои од 2000 година кога и почнавме да се занимаваме попрофесионално со винарство, а официјален датум на регистрација е од јуни 2020 година кога се донесоа измените на законот за вино за полесна регистрација на мали произведители на вино“, вели нашиот соговорник.

За новитетите кои тој ги воведува во производството најпрво имаат семејнаа консултација па се носи и семејна одлука за некој нов производ кој потоа го презентираат на разни саеми и настани од кои очекуваат да добијат повратна информација од потенцијалните потрошувачи. Со органско производство засега не се занимаваат, но и тоа не е исклучено во некоја блиска иднина.

Во лозовите насади и во визбата се работи исклучиво фамилијарно, а за време на бербата доаѓаат на помош пријателите и дел од потесното семејство. Иако обично бербата се смета заа нјтежок дел од оваа работа, за Блаже најтешкот дел од работата сега за сега е продажбата и маркетингот на нивните производи.

„Како прилично нова винарија која е на почеток, сепак верувам дека во најскоро време сето тоа ќе биде надминато. Инаку, следна цел ми е да ја префрлам винаријата во Моклиште каде што ми се наоѓаат лозовите насади и таму да го развиваме винскиот туризам и на гостите да им раскажуваме за нашите почетоци додека тие ги вкусуваат нашите вина во комбинација со традиционална храна од овој крај“, ни ги открива своите планови Блаже.

Тој и нивната семејна винарија се дел од здружението на Тиквешки семејни винарии кое успеа да направи многу за регистрација на семејните винарии, како и да реализира доста проекти.

„Со здружението учествуваме на разни настани, а како здружение сме посебно горди на организација на тиквешкиот вински салон кој успешно се оддржува веќе 3 години. Сите мои колеги разбирливо, се љубители на добро вино, а и во семејството сме сите љубители на вино, па не седнуваме на ручек без чаша вино“, се смее Блаже кој се надева дека еден ден и неговите синови ќе ја продолжт семејната традиција и ќе ја надградат и усовршаат неговата работа како што сега тоа го прави тој.