Кратка историја и интересни факти за гумите за џвакање

Фото: Pexels
188

Во текот на една година во светот се трошат дури 100.000 тони гума за џвакање! Тоа е навистина многу, особено ако се земе предвид отпадот што го создаваат. Затоа на некои места гумата за џвакање се фрла во посебни садови за рециклирање. Подоцна од нив се прават гумени играчки или канти за ѓубре.

„Имаш мастика?“ Колку пати сте го поставиле или пак ви го поставиле ова прашање? Овој освежувач на здивот и честа занимација за нашата вилица сите си ја земаме здраво за готово, но дали знаете нешто повеќе за тоа како настанала?

Постојат докази кои сугерираат дека парчиња кора од бреза биле џвакани во некои делови на северна Европа пред 9.000 години. Мотивот за тоа веројатно бил медицински, како намалување на чувството на забоболка.

Маите џвакале смола наречена чикал, која потекнува од дрвото наречено саподила. Се верува дека тоа го правеле за да ја згаснат жедта и да го намалат чувството на глад. Ацтеките дури имале и правила кога станува збор за џвакање, па во јавност можеле да ја консумираат само немажените жени и децата. Инаку, чикал е природна гума која се собира од дрво, а кога ќе се додадат шеќер и зачини, се добива гума за џвакање.

Откако мастиките од чикала станале достапни, се појавил Вилијам Вригли и ги направил интересни за пошироките маси. До тоа дошло откако Вригли ги давал како подарок при продажбата на некои други артикли. Во 1893 година, тој отворил две фабрики – Juicy Fruit и Wrigley’s Spearmint и сериозно продолжил да работи на промоција на гумите за џвакање.

Сè се сменило во 1928 година. Таа година, Волтер Димер, сметководител во фабрика за гуми за џвакање, смислил иновативен рецепт. Благодарение на него, гумата за џвакање не била веќе толку леплива како другите, а освен тоа можела да се растегне и да се надува, па така да се прават балони.

Од што се прави гума за џвакање денес?

Одговорот е, главно од синтетичка гума, која е слична на пластика. Потоа во неа се додаваат омекнувачи, засладувачи и вештачки ароми. Специфичната листа на состојки зависи од производителот.

Постојат различни видови гуми за џвакање

Покрај гуми за џвакање за освежување на здивот и дување балони, има и медицински и никотински гуми. И двете служат за неопходните состојки побрзо да се распространат низ организмот отколку што би било со лек што се голта.

Какви форми на гуми за џвакање постојат?

Главните форми на гума за џвакање потсетуваат на мини перници. Потоа, тука се топчестите гуми за џвакање, како и оние во ленти и стапчиња. Има гуми за џвакање кои се истиснуваат од туба.

И какви вкусови на гуми за џвакање има?

Иако многу гуми за џвакање се без шеќер, заедничко им е тоа што тие се генерално многу слатки. Класичните вкусови се ментол, еукалиптус и разни овошја (јагода, боровинка, цреша. Во последниве години, вкусот на циметот станува сè попопуларен, а особено необични вкусови на гуми за џвакање вклучуваат: сланина, васаби, женшен, кисели краставички, пуканки, банана…

Гумата за џвакање е широко распространета

Во текот на една година во светот се трошат дури 100.000 тони гума за џвакање! Тоа е навистина многу, особено ако се земе предвид отпадот што го создаваат. Затоа на некои места гумата за џвакање се фрла во посебни садови за рециклирање. Подоцна од нив се прават гумени играчки или канти за ѓубре.

Еве зошто розовата гума за џвакање е најпопуларна боја

Одговорот е едноставен. Кога споменатиот Волтер Димер смислил нова формула за гума за џвакање, единствената боја за храна достапна во тоа време била розовата. Таа боја продолжила да се користи, особено кога станува збор за гуми за џвакање од кои се прават поголеми балони.

Што навистина се случува кога ќе голтнете гума за џвакање?

Една стара легенда вели дека гумата за џвакање што случајно ќе ја проголтате ќе ви се тркала во стомакот во следните 7 години. Тоа секако не е точно! Иако е несварлива, гумата за џвакање лесно ќе го напушти вашето тело на стандарден начин.

Како да надувате што поголем балон?

Трикот е постепено и постојано да дувате воздух во гумата за џвакање, бидејќи ако го направите тоа нагло – брзо ќе пукне!