Фереро Роше мејд ин Скопје
Рецептот за овие вкусни крцкави бомбици ни го испрати скопјанката Олгица Русимов Павловска која е позната по изработката на декоративнни предмети, но и по тоа што посветува многу внимание и ужива во декорирањето на трпезите
Има луѓе што не јадат баш многу благо ама прават фантастични десерти. Таквите не ги разбирам, ама многу ги сакам. Нашата читателка Олгица Русимов Павловска е една од нив. Вели дека додека таа се реши да проба нешто што направила за домашните, обично веќе нема. Имено, нејзиниот сопруг е голем мераклија за благо, па добро е што воопшто и стасала да ги фотографира за да може да ни го испрати овој едноставен рецепт за домашни Фереро бомбици кои се вистинска енергетска бомба. Само не претерувајте, доста е да изедете 1-2.
Инаку, оваа скопјанка е позната по своите изработки на декоративни предмети, а и по декорирањето на трпезите на кои им посветува дури и повеќе внимание отколку на подготвувањето на храната, па кога ќе седнете на таква трпеза, едноставно ви е жал да посегнете по нешто за да не го расипете впечатокот.
Ама тоа не значи дека храната не е вкусна, туку дека ѝ треба помалку време да ја подготви храната, а повеќе за да ја аранжира. Признава дека повеќе ужива во вториот дел.
Овојпат таа ни испрати рецепт за домашни Фереро Роше, оние вкусни крцкави бомбици кои сите ги сакаме.
Состојки:
200 г наполитанки од лешник
150 г потпечени лешници плус 200 г лешници за валкање
200 г нутела
150 г путер или маргарин на собна температура
300 г црно чоколадо (може и тоа што е за готвење)
8 лажици зејтин
8 лажици млеко
Приготвување:
Наполитанките се блендираат, се додаваат лешниците (кои можете да ги здробите или да ги блендирате), се додаваат нутелата и маргаринот или путерот.
Се мешаат состојките и се формираат бомбици кои се оставаат во фрижидер да се стегнат.
Во меѓувреме на пареа се топи чоколадото за готвење со млекото и зејтинот. Се потопуваат бомбиците во растопеното чоколадо и веднаш потоа во здробените лешници. Едно по едно. Тоа е и оној чекор за кон ќе ви треба најмногу време, ама затоа резултатот е фантастичен вкусен и крцкав десерт.