Меки како душа: Највкусните кифли на баба Анче
Кифлите се по рецептот на баба Анче Клокановски од Детроит, а она по што се различни од сите други е тоа што во нив оди и сок од портокал
Нашата пријателка Аница Клокановски која живее во Америка, а на својот јутјуб канал објавува голем број од рецептите кои ги подготвува самата, а се дел од македонската традиција, ни испрати интересен рецепт за кифли и погача за кои вели дека се меки како душа и омилени на нејзините внуци, на семејството и пријателите. Она по што се тие посебни е сокот од портокал.
Од истото тесто може да се направи и погача!
Состојки:
1 сув квасец
1 лажичка шеќер, 2 брашно и малку млако млеко за активирање на квасецот
3 јајца
1 лажица сол
3 лажици шеќер
500 мл млеко
200 мл масло
200 мл сок од портокал
1200-1500 г брашно
100-150 г маргарин или путер
Приготвување:
Измешајте го квасецот со малку млако млеко, шеќер и брашно и оставете го да се активира.
Изматете ги јајцата со 3 лажици шеќер како за торта.
Сварете 500 мл млеко и полека, со постојано мешање, додавајте го во матените јајца. Додадете 200 мл масло и 200 мл сок од портокал, а потоа и 1 лажица сол.
Додадете го активираниот квасец. (токму по овој редослед бидејќи ако го додадете квасецот во вареното млеко нема да ви надојде тестото), а потоа полека додавајте го и брашното за да добиете меко тесто.
Убаво измесете и оставете го да надојде. Потоа, не се премесува, туку се земаат топчиња (45 г секое) и се редат во намрсена тепсија. Се сучат секое посебно, се полнат со јајца и сирење и се оставаат да надојдат , па се премачкуваат со жолчка и малку млеко и сусам. Се печат 20 минути во загреана рерна на 180 степени,
Кога ќе се извадат, уште топли, се премачкуваат со маргарин или со путер.