Последен пат кога ја видов Ивана, таа беше директорка на маркетинг во една компанија и беше бремена, со стомак до заби во кој си растеа близнаците кои денес се тринаесетгодишни тинејџери. Таа пак, 13 години потоа, изгледа подобро од секогаш и прави фантастични торти и колачи
Ивана ја запознав како директорка на маркетинг во една голема компанија. Последен пат кога ја видов беше бремена, со стомак до заби во кој си растеа близнаците кои денес се тринаесетгодишни тинејџери. Неодамна, каде ако не на Интернет, ми се појави повик за работилница за изработка на путер-колачи. Пријавувањето беше кај извесна Ивана Карговска. Ги гледав фотографиите од нејзините слатки уметнички дела и ја побарав за да направиме интервју за тоа што го работи.
Ја видов на фотографија и ја слушнав на телефон. Ликот ми беше некако познат, како да сум ја видела некаде, но немав буквално никаква идеја каде би можело да се случи тоа. И наеднаш, откако неколку пати веќе се слушнавме и позборувавме, ми светна. Ивана?!? Ивана Манасиева?!? Ауу, од кога не сум ја видела, си помислив, би требало да изгледа барем малку постара од пред 13 години и да има некое килце плус, сепак, кога последен пат ја видов во стомакот имаше близнаци.
Оваа Ивана изгледа некако сосема поинаку. Секако, тука е препознатливата насмевка и очите, но за разлика од поранешната која изгледаше прилично строго, оваа Ивана е некако помека, понежна, па дури и поубава од порано. А на линијата можат да ѝ позавидат дури и средношколки, иако, тоа можеби најмалку се очекува од некој кој се занимава со слаткарство.
Како и да е, од разговорот со Ивана дознав дека после нејзиниот ангажман во компанијата во која беше задолжена за маркетингот, работела со организација и декорација на детски родендени, свадби, настани…
„Ме чинеше цело богатсво слаткиот дел, па така почнав самата да правам мини крофни декорирани според тема, рачно цртање на лик или елемент (што е навистина најтешко на толку мала површина). Потоа дојдоа путер колачињата, а потоа и тортите. Гастрономијата повлекува, или ја сакаш или воопшто не ја сакаш. Во тековниот процес ќе научиш сѐ она што некој го учел 3 или 4 години. Јас немам соодветно образование, но секако посетував курсеви надвор од Македонија за да ги расчленам недоумиците во мојата глава“, раскажува Ивана за своите почетоци во слаткарскиот занает. А и нејзините торти не изгледаат воопшто аматерски, напротив!
Во однос на обуката за изработка на путер-колачиња заради која и ја побарав, вели дека ја одржала првпат годинава, само со една група на жени.
„Искрено, се потсетив како ми беше мене кога немаше опција за поевтин курс,а јас бев желна да учам и да научам. Незнам дали ќе продолжам со вакви обуки и понатаму, бидејќи навистина одземаат време и енергија, а јас сѐ помалку ги имам. Меѓу оние кои дојдоа на обуката имаше девојки кои го посетија поради самите нив, а дел од нив почнуваат да се промовираат, што навистина ми е многу драго и од мене имаат поддршка во секое време“, вели Ивана.
За себе вели дека оваа нејзина професија не може да ја нарече ниту обврска, ниту хоби, туку љубов.
„Тоа не се мери со пари и ова можат да го разберат само луѓето кои се вљубени во оваа дејност. Не можам да најдам соодветни зборови за да појаснам што чувствувам освен, едноставно, љубов. А почнав сосема случајно откако останав сама со децата. Бидејќи немав доволно финансиски средства за да им купам торта, ја направив првата торта од картон за нивниот роденден во градинка и од тука почна сѐ. Јован и Јована сега имаат 13 години и за разлика од Јован кој воопшто не е заинтересиран да помогне во правењето, но е одличен дегустатор, Јована ми помага кога треба да се направи соодветна боја….таа има уметничка нишка и црта одлично“, се пофали Ивана.
Она што особено им се допаѓа на нејзините деца кога станува збор за нејзината професија е тоа што тие секогаш имале прекрасно декорирани торти, но и цели роденденски забави, организирани професионално, од мама. Од секојдневните слатки кои ги прави по дома, на Ивана ѝ е омилено трилече, а на децата – најобичен колач кој тие си го викаат колачот на мама.
Ивана ни го сподели рецептот за кој вели дека е многу едноставен, но дека на нејзините деца никогаш не им здодеало од него.
Рецепт за колачот на мама Ивана
Состојки:
3 јајца
2 шолјички млеко
2 шолјички зејтин
3 шолји брашно
2 шолјички шеќер
1 ванила, 1 прашок за пециво, какао за шарање
Сите состојки се мешаат со тоа што на крајот во пола од смесата се додава какао, а другата останува бела. Се прошарува со вилушка и се пече во загреана рерна.
Иако најмногу ја влече слаткарството, Ивана го сака и готвењето.
„Сакам да готвам, иако не јадам сѐ, но повеќе ме влече слаткиот дел, бидејќи е повозбудлив, има доста детали, доста уметност, чувство за бои, бара време, а мене искрено ме ослободува од секојдневната негативна енергија“, се смее таа.
За своите клиенти вели дека се пред сѐ луѓе со големо срце, разбирање и одлични за соработка.
„При првата средба веднаш гледаш дали со некого можеш или не можеш да соработуваш. Јас сум изработувала торти за секоја намена, од детски родендени и свадби, до отварање на нови бизниси и компании, славење на годишнини итн“, објаснува Ивана.
Иако се гордее со сите торти што ги направила досега, вели дека е особено горда со тортата која ја направила за еден ден, а ги освои сите – торта за читателската публика.
Таа немала многу среќа со отпочнувањето на посериозен бизнис во слаткарството затоа што само два месеци по отварањето на својата работилница и слаткарница Батерленд (Butterland), започнала пандемијата на ковид-19.
„Како новооснована компанија немав можност да направам барем мал капитал за да го издржам периодот и морав да затворам. Во моментов е во мирување, но се надевам дека ќе имам прилика да ја рестартирам повторно. Но тоа бара повеќе средства и сѐ уште сум во потрага по инвеститор“, вели нашата соговорничка која во моментов, како и многу други Македонци е на привремена работа во Хрватска, поточно, во ресторанот „Lancana“, пред Дубровник, каде што таа, се разбира, ги прави десертите, а истовремено учи и за медитеранската кујна.
Иако е постојано опкружена со слатки, таа е во одлична форма за која вели дека сепак не ѝ „паднала од небо“, туку интензивно вежбала 4 години.
„Потоа престанав со вежбање, едноставно, не ми остануваше време, но грижата околу децата, работата и секојдневните обврски веројатно придонесуваат за одржување линијата“, се смее Ивана која тврди дека можат да се јадат слатки, а сепак да не се внесуваат многу калории.