Скопјани, успешно адаптирани на селскиот живот: Прво купиле машина за молзење, а дури потоа – кози

2.418

Главата на семејството Неделковски, Зоки, нашол во огласник евтина машина за молзење. Ја купиле, па потоа морале некако и да ја искористат. Гласале и од Скопје се преселиле во Раштак и купиле 10 кози. Сѐ потоа е веќе добро познатата приказна на фармата „Кози, млеко, планина„.

Младиот Давид Неделковски веќе неколку години е познат меѓу сите оние кои ја сакаат природата и здравата локална храна, а тој успешно ги претставува козјите производи од семејната фарма лоцирана во село Раштак и веќе позната како „Кози, млеко, планина“.

Но веројатно малкумина знаат од каде се појави овој млад човек, умен, вреден и посветен на фармата, на козите, на производството на вкусни и здрави производи од козјо млеко, но и одличен промотор на овој начин на живот.

Епа не паднал од небо, дефинитивно.

Го одгледале двајца убави, добри и вредни луѓе, неговите родители Снежана и Зоран Неделковски, кои освен Давид, имаат и ќерка и зет, како и внук кој во ноември годинава ќе наполни пет години.

Со Давид се знаеме веќе подолго време, всушност, неговото прво интервју после кое следуваа уште многу, многу други, беше токму за нашиот портал „Арт кујна“. Тогаш беше срамежливо момче на кое едвај му ги извлекував зборовите од уста, ама не освои од прва. Впрочем, нели мора да е посебен ако на дваесет и некоја рамноправно со своите родители гласал – ЗА живот на село.

Да, ова четиричлено семејство живеело во Скопје и тој и сестра му, како и неговите родители претходно, се пораснати во Скопје. Дури мислам дека со мајка му со која првпат се видовме пролетва, на фармата, сме се среќавале на времето по скопските кафулиња каде што се излегуваше во наше време, затоа што и двете имавме впечаток дека од некаде се знаеме.

Иако не се сетивме точно од каде, заклучивме дека се знаеме од град, а муабетот одеше толку лесно баш како што сум сигурна дека ни одел таму некаде, низ град или во чаршија.

Како и да е, дента кога дојдовме на нивната фарма во Раштак со нашата пријателка и гостинка од Лондон, Спасиа Динковски, Снеже беше во одлично расположение.

„Денес сум многу среќна, ни се расипа машината за молзење па моравме да одиме во Битола, а таму, уживанција, кафенце на Широк Сокак, ех, од кога не сум седнала некаде на кафе, многу ми беше убаво, многу, многу, баш убаво што се расипа машината“, се смееше таа.

Снеже и нејзиниот сопруг Зоки се градски луѓе и немале претходно искуство со селскиот живот, освен што како и сите ние, повремено оделе на посети на роднини, пријатели, баби и дедовци кои живееле на село. Двајцата претходно пробувале да почнат со свој бизнис и да работат во различни бранши, но за ова може да се напише цела книга, која би била и смешна и трагична. Трагична заради условите во нашата држава во која вакви вредни и чесни луѓе тешко се снаоѓаат, но и смешна, токму заради нивниот ведар дух и смислата за хумор која е очигледна во сите нивни приказни за бројните бизнис-обиди.

„Еден ден Зоки гледаше огласник и најде евтина печка за бурек. Навистина беше ‘живо џабе’ и нормално, ја купивме, па решивме да правиме бурек. Додека го учевме занаетот земавме мајстор да работи и да не подучува. Еден ден мајсторот не можеше да дојде, а беше Задушница, па немав избор освен да ги засукам ракавите и да видам што сум научила. Правев симит-погачи и сите се продадоа како алва. Ама што да ви кажам, да бидам искрена, камен беа“, се смее Снеже.

Потоа се пробувале и во други дејности, од производствени до угостителски, сѐ додека еден ден не нашле оглас за машина за молзење. Претпоставувате, истата приказна како со печката за бурек, била евтина – ‘живо џабе’.

Ја купиле машината, а потоа…. Сѐ потоа е веќе добро познатата приказна на фармата „Кози, млеко, планина„.

Зоки ставил на маса предлог да го напуштат градот и да чуваат кози во Раштак. Ова со козите било нормално решение за да ѝ се најде работа на машината за молзење, нели!

Предлогот го ставиле на гласање и тројцата (Давид, Снеже и Зоки), едногласно решиле да свртат сосема нов лист. Нивната ќерка веќе била омажена, а пред речиси пет години им подарила и внук кој сега е прв другар со козите, со кучињата и мачињата во село Раштак.

Пред 10 години го напуштиле градот и го смениле животот од корен, па сега се занимаваат со чување кози и со производство на млеко, млечни производи и јарешко месо.

А зошто токму Раштак? Затоа што од таму потекнувал таткото на Зоки и таму наследиле стара куќа, направена после Втората светска војна.

„Решивме да се преселиме таму со мајка ми и татко ми откако заклучивме дека ни треба некоја суштинска промена, бидејќи не се најдовме многу во работите кои ги работевме дотогаш. Сите заедно решивме да почнеме да одгледуваме кози и да произведуваме сирење и млеко. За почеток купивме 10 кози. Тоа беше пред 10 години. Никој од нас во живот немаше видено коза, а не пак да ги чува. Но научивме“, раскажува Давид.

А за тоа дека им се случувало една иста коза да се обидуваат да ја молзат неколку пати затоа што не можеле да ги разликуваат, раскажува Давид додека тројцата се смеат во еден глас.

„На почеток ништо не беше лесно. На пример, кога почнавме да ги носиме на пасење тие десет кози, јас и татко ми бевме како на кондициони тренинзи. Постојано трчавме по нив и кога само малку ќе се оддалечеа од нас, не фаќаше паника дека ќе ни избегаат. За оваа работа се потребни 4-5 години за козите да свикнат на стопанот и обратно, ние да свикнеме на нив и да изградиме некаква комуникација. Јас сум израснат во Скопје и кога почнавме не знаев буквално ништо за козите. Многумина мислат дека е лесно и дека тоа што имале дедо кој чувал кози е доволно, но едно е да дојдеш на два дена и да гледаш како некој чува кози, а друго е да се грижиш за нив. Исто така, на почетокот беше смешно и првото молзење. Татко ми фати една коза и ја измолзе, а потоа дојде на ред втората. Таа немаше млеко, но бргу сфативме дека нема затоа што е вусшност истата коза којашто тој тукушто ја измолзи“.

Сега тие имаат над 50 молзни кози и 30 јариња и точно знаат која е која.

За молзењето е најчесто задолжена Снеже, која вели дека тоа, а особено рачното молзење, неа ѝ е како медитација.

„Верувале или не, молзењето многу ме смирува. Кога ќе седнам да молзам, заборавам на сѐ, сите нервози и тешкотии во денот ми се тргаат од глава и јас си молзам и не мислам на ништо“, се смее нашата симпатична соговорничка.

Таа вели дека не е баш лесно и дека понекогаш ѝ недостасува градскиот лагоден живот, но верува дека кога би му се вратила,  овој би ѝ недостасувал повеќе.

А бидејќи убавиот ден поминат со сопругот во Битола пиејќи кафе, со кој нивните батерии беа целосно наполнети (тешко дека вака може да се чувствува некој кој секој ден пие кафе по градските кафулиња), сепак си го зема данокот и тие мораа да ги завршат сите обврски кои обично ги завршуваат претпладне. На пример, козите беа неизмолзени па Снеже брзаше да ги измолзи и да им олесни, а потоа ги чекаа уште многу други работи, но во ниту еден момент не почувствувавме дека им пречиме. Напротив, ни покажаа како им изгледа денот, не подучија како се молзи, ни понудија чаша тукушто измолзено козјо млеко и најважно од сѐ, ни ги раскажаа нивните вистински приказни на најсмешниот можен начин заради кој сѐ што правеле или прават изгледаше како еден исполнет и среќен семеен и сложен живот без оглед каде се, во град или во село.