Вкусете го Охрид!

Фото: Фејсбук
461

Првиот настан во организација на охридскиот конвивиум Слоу фуд Охрид почнува утре (30.јули) во 19 часот на плоштадот „Долна порта“, Охрид, а на него ќе може да се дегустира и да се купи домашна локална храна од охридскиот регион, органска храна, традиционални преработени производи и рачно изработени уникатни сувенири.

Откако годинава во мрежата на „Слоу Фуд Македонија“ која е дел од светската мрежа на Слоу Фуд, чие делување е распространето во 160 земји во светот се формираше конвивиумот „Слоу Фуд Охрид“, за утре (сабота, 30 јули) е најавен и првиот настан во организација на охриѓани – „Вкусете го Охрид! …локално“. Настанот почнува во 19 часот на плоштадот „Долна порта“, Охрид, а на него ќе може да се дегустира и да се купи домашна локална храна од охридскиот регион, органска храна, традиционални преработени производи и рачно изработени уникатни сувенири.

Станува збор за производи кои ќе бидат понудени директно од производителите, а се со најдобар квалитет и по правични цени.

Помеѓу членовите на охридскиот конвивиум се истакнати професори, активисти, производители и угостители и нивна заедничка цел е промовирање на локалните традиции, културните вредности и животната средина.

„Слоу Фуд Охрид“ е единаесетиот конвивиум во мрежата на „Слоу Фуд Македонија“ и е дел од светската мрежа на Слоу Фуд, чие делување е насочено кон спречување на се поголемата глобална хомогенизација на вкусовите, со особен нагласок на зачувување на традиционалната храна и локалниот биодиверзитет пред напливот на унифицирани производи и едноличноста во понудата.

„Заедно да ги откриеме локалните вкусови од охридско, да ги промовираме локалниот биодиверзитет на храна и малите производители, чувари на традиционалното знаење во производството на автентична храна, како и младите производители на иновативни производи кои ги произведуваат на одржлив начин“, велат во најавата за настанот.

Овој настан се одржува во текот на туристичката сезона, со цел да се претстави како организација пред пошироката јавност и да ги презентира локалните производители и занаетчии.

Дел од Слоу фуд Охрид се и нашите стари пријатели Papa’s Ohrid, поточно охриѓанецот Димитар Јовчески кој сите во градот, како што вели, уште од дете го знаат како Мики и неговата сопруга Наташа. Тие, од своето макало од лук по рецептот на старите трпејчанки (од село Трпејца), направија вистински бренд на кои му се придружија и други производи, како на пример, јуфките или по охридски, губите и тараната кои се исто така нешто традиционално што се правело порано во Охрид, а во Трпејца и денес речиси и да нема куќа во која не се прават.

И тие ги прават по традиционален рецепт, со домашни јајца и млеко, а прават и превкусно слатко од зелени смокви.

Тука е и нашата стара пријателка Наташа Неданоска која сега заедно со своето семејство и нивната ПИРУСТИЈА, како што е името на нивното селско домаќинство сместено на три километри од Охрид, во селото Рамне, направи вистински бум промовирајќи еден поинаков вид на туризам чиј концепт се состои во тоа гостите да доживеат еден исполнет ден на село. Притоа, тие не се пасивни порачувачи и консументи на храна, туку се активни посетители кои  можат да се вклучат во целиот процес. Ги пречекуваат со домашно слатко од нивните овошни насади и изворска чиста испитана ладна вода, а потоа учествуваат во подготовка на традиционалните охридски специјалитети заедно со нивните домаќини.

Дек од оваа интересна дружина е и Весна Миленкоска која по професија е готвачка, ама готви само за своето семејство и од пред речиси 2 години, од хумани причини, за други семејства кои имаат потреба од тоа. Домашните лебови со маја ѝ се љубов, а хуманоста – карактерна особина.

Почнала да прави леб со кисело тесто, прво само за домашните, а потоа, сосема спонтано, почнала да го прави и по нарачка.

Секако, тука се и другите членови чии приказни допрва ќе се најдат на нашиот портал затоа што навистина го заслужуваат тоа. Марко Трајкоски – пица мајстор и сопственик на PROVA Pizzeria, Акин Сезер, кој произведува 100% органски локални свежи производи на Sezer’s Organic Farm во Охрид до самото езеро, Bro’s Burger-супер успешна охридска бургер приказна кои на Slow Food настанот во Охрид ќе го прикажат уникатниот македонски бургер и други.