Брзи, здрави и ароматични оброци со вргањ

Фото: Pexels
1.079

Вргањ со јајца, супа од вргањ, гулаш, сос од вргањ, рижото со вргањ, се само некои видови јадења во кои можете да користите вргањ.

Токму во летниот период кога не ви се вклучува шпорет, печурките се одлична опција. Со нив можете да си направите различни брзи, а здрави оброци. Ако сте љубители на вргањи, тогаш овие рецепти со вргањ ќе ви бидат омилени. Ароматичните печурки му даваат посебен шмек и прават ексклузивно јадење дури и од најобичен омлет или рижото.
Одлична идеја е да го искомбинирате вргањот со јајца, да направите со него супа, гулаш, рижото или сос за тестенини. За сите овие рецепти ви треба само малку време и едно тенџере или тава.

Јајца со вргањ

За брз појадок или вечера, подгответе јајца со вргањ.

Состојки:
3 јајца
1 главица црвен кромид
1 голема печурка
1 супена лажица маслиново масло
половина црвена пиперка (исечена на коцки)
половина тиквичка (исечена на коцки)
сол
црн пипер

Приготвување:

На маслиново масло пропржете го кромидот, па додајте ги пиперката и тиквичката и динстајте.
Додадете ги печурките исечени на листови или мали коцки и продолжете со динстањето.
Зачинете со сол и црн пипер, па додадете ги изматените јајца и направете кајгана.
Послужете со интегрален тост или пченкарен леб.

Супа со вргањ
Ако сакате нешто течно или како што се вели, оброк на лажица, направете топла, лесна супа со печурки.

Состојки:

3-4 компири
2 чешниња лук
околу 250 гр вргањ
вода
1 црвен кромид
1 шолја грашок
сол
црн пипер
маслиново масло.

Приготвување:

Во маслиново масло пропржете ги кромидот и лукот.
Компирите и печурките исечкајте ги на коцки.
Во тенџерето додадете печурки, грашок и компири, зачинете и варете додека компирот не омекне.
Супата можете да ја поросите со сечкан свеж магдонос.
Ако сакате покремаста супа, тогаш додадете чаша кисела павлака и изблендирајте ги сите состојки. Додадете и коцкички сув леб.

Рижото со вргањ

Љубителите на рижото особено ќе уживаат во рижото со вргањи кои ќе му дадат посебна арома и ќе избалансираат вкусен и хранлив оброк.

Состојки:

150 гр ориз
100 гр вргањ
2 супени лажици пармезан
маслиново масло
сол
црн пипер
куркума
1 главица црвен кромид
1 чешне лук
3 супени лажици пченка
вода или супа од зеленчук.

Приготвување:
На маслиново масло се динстаат кромидот и лукот, па се додаваат исечканите печурки и се зачинуваат со црн пипер и сол.
Додадете го оризот, кратко динстајте, покријте со вода и оставете да се вари додека оризот не омекне.
На крајот од готвењето додадете пченка, куркума и пармезан.
Куркумата во комбинација со црн пипер има одлични антиоксидантни својства. На крајот можете да додадете свежо сечкан магдонос.

Сос од вргањ со тестенини

Што велите за кремаст сос од вргањ со тестенини? Повеќето луѓе ќе се согласат дека сакаат тестенини на 100 начини, но оние со сос од вргањ се една од најдобрите.

Состојки:

1 шолја вргањ
2 шолји тестенини
околу 100 мл павлака за готвење
црн пипер
сол
маслиново масло
половина лажичка мешавина од зачини
1 чешне лук
половина шолја ситно сечкана брокула.

Приготвување:
На маслиново масло продинстајте ги кромидот и лукот, а потоа додадете ги печурките и брокулата и продинстајте ги.
Сварете ги тестенините според упатството.
Кога ќе се сварат, додајте ги тестенините во печурките, прелијте ги со павлака, зачинете и варете додека кремот не се згусне.
Слободно поросете ги тестенините со пармезан или рендана моцарела.