За нашите и за сите други деца што се на брза храна: Шеф Мајновски и неговиот партнер отворија домаќинска сендвичара

4.390

Едниот има „бутик“ за домаќински готвени јадења, а другиот има ресторан со традиционална храна во Дебар Маало, а сега ги здружиле силите за да направат место каде што нивните, но и другите деца и млади, ќе можат да јадат ем брза, ем домаќинска и квалитетна храна.

Од неодамна, во центарот на Скопје се отвори ново место „Base Food Corner“. Средено е како аптека, па малку е тешко да се поверува дека всушност станува збор за сендвичара.

Изненадувачки беше и кога слушнав дека ова ново гастро-катче е на шеф Зоран Мајновски. Имено, човекот е познат по своите врвни готвени јадења кои ги приготвува веќе со години, првин во ресторанот „Естел“ во Дебар Маало, а од пред две години и на новата локација во населба Аеродром, каде што ја почна својата нова семејна приказна – Естел Фуд Гуру.  

Оваа приказна ја почна во време на корона кога повеќето ги затвораа дуќаните, рестораните и бизнисите, а тој го заживеа својот долгогодишен сон. Со голем ентузијазам се впушти во нови авантури и предизвици заедно со сопругата Габи и синовите Мартин и Марко, кои сега веќе имаат по 21 година.

Објаснувањето за новиот проект, отварање на фаст-фуд локал, брзо стаса.

Шеф Зоки заедно со својот долгогодишен пријател Драган Арсовски, инаку, сопственик на ресторанот за традиционална храна „Чардак“ на Боемска во Дебар Маало, решиле да се впуштат во една заеднича приказна. За истата и двајцата имаат барем по две причини, оние на Зоки се веќе споменатите Мартин и Марко, а на Драган, 11-годишниот Калин и 7-годишниот Павел, сите четворица, како и сите деца и млади, мераклии за бургери и разноразни брзи оброци.

Двајцата гурмани и големи пријатели решиле да направат нешто што нивните деца во иднина ќе го продолжат како семеен бизнис, а сега ќе добијат место каде што ќе можат да се гоштеваат со омилената храна, но приготвена на поинаков начин од оној вообичаениот во другите сендвичари, со домаќински оброци со одлични состојки, наместо со „џанк-фуд“.

И двајцата не се откажуваат од своите постојни бизниси, а покрај овој заеднички проект, планираат и други.

Во меѓувреме, нивниот „Base Food Corner“, полека почнува да станува омилено место на младите, но и на оние другите, повозрасните, кои знаат што е вистинска и квалитетна храна.

Сѐ е направено со многу љубов, а за квалитетот на храната доволно зборува и тоа што истата ја јадат и нивните семејства, како што беше и по отворањето на „Естел фуд гуру“, кога семејството Мајновски, наместо да приготвува храна дома, се префрли на „менза“ во нивниот ‘бутик’ за храна.

„Да, сега сигурно нема да готвиме по дома, доволно е тоа што го правиме тука и за сите нас. Глупаво би било да готвиме и дома кога веќе сме сите во оваа работа и готвиме и за нас и за сите кои ја сакаат нашата домашна храна“, ни рече тогаш Мајновски.

Така ќе биде и сега, кога некој од нив ќе посака малку брза храна, отсега имаат уште една „база“.

И понатаму, освен партнерот Арсовски и неговата сопруга Ирена, во оваа приказна се вклучени сите, Габи која помага околу кујната е задолжена за слаткиот дел, а исто така и нивните вредни момци, близнаците Мартин и Марко.

Калин и Павел пак, имаат добар пример и засега се само задолжени за дегустација на менито.