Како се прави супа од коски полна со колаген? Се вари со часови, а може да се чува во замрзнувач и до шест месеци

Фото: Pexels
0

Супата од коски повторно е во центарот на вниманието поради колагенот, протеините и минералите што ги содржи. Се подготвува бавно, со неколку едноставни состојки, а кога ќе се излади често добива желатинозна структура. Но, дали навистина помага за кожата и зглобовите и што е важно да знаете пред да ја вклучите во исхраната?

За разлика од порано, сега е сѐ потешко да се најдат коски за супа. Во месарниците велат дека коските веднаш им ги земаат рестораните, но и сѐ поголемиот број сопственици на кучиња за своите домашни миленици.

Па така, излегува дека некогаш најевтиното, најздравото и наједноставното јадење кое редовно ни го подготвуваа прво нашите баби, па потоа и нашите мајки, сега е сѐ потешко да се направи онака како што го правеле тие – од обични коски.

Но ако случајно најдете некаде коски, тогаш веднаш направете си една поголема доза која можете да ја чувате во замрзнувачот и шест месеци.

Чорбата од коските е многу хранлива, а пропорцијата на хранливи материи во супата зависи од состојките што ги користите при нејзината подготовка. На пример, свинските или говедските коски се богати со калциум, магнезиум, калиум, фосфор и други елементи во трагови важни за градење силни коски. Рибините коски содржат јод, кој е неопходен за здравјето на тироидната жлезда и метаболизмот. Покрај тоа, коските содржат протеин колаген, кој се претвора во желатин кога се готви и кој содржи неколку важни амино киселини.

Добра е за дигестивниот систем

Докажано е дека желатинот од супата може да помогне за здравјето на дигестивниот систем бидејќи ја врзува водата и на тој начин помага сварената храна полесно да помине низ цревата. Дополнително, желатинот содржи глутамин, аминокиселина за која истражувањата покажаа дека може да помогне во одржувањето на функцијата на цревната слузница, што е особено важно за луѓето кои страдаат од воспалителна болест на цревата или синдром на пропустливи црева.

Го подобрува здравјето на зглобовите

Колагенот е главниот протеин кој се наоѓа во коските, тетивите и лигаментите. За време на готвењето колагенот се разградува и се формира желатин кој содржи аминокиселини важни за здравјето на зглобовите. Некои од нив се пролин и глицин, кои нашето тело ги користи за да изгради тетиви и лигаменти. Исто така, супата од коски содржи глукозамин и хондроитин, за кои бројни студии докажаа дека можат да ја намалат болката во зглобовите и да ги ублажат симптомите на остеоартритис.

Помага при слабеење
Желатинот од супата придонесува за чувството на ситост, па затоа редовното консумирање на супа може да помогне да се намали внесот на калории и да се намали телесната тежина.

Го подобрува спиењето и функцијата на мозокот
Аминокиселината глицин, која се наоѓа во супата, може да го подобри сонот и да ви помогне да се опуштите. Имено, резултатите од едно истражување покажале дека земањето глицин пред спиење значително го подобрува квалитетот на сонот кај луѓето кои имале проблеми со спиењето. Земањето глицин им помогнало на испитаниците да заспијат побрзо, да спијат подобро и помалку да се будат во текот на ноќта. Ова истражување исто така покажало дека глицинот ја намалува дневната поспаност и ја подобрува менталната функција и меморијата.

Како да подготвите супа од коски

За домашна супа потребни се:

1,5 до 2 килограми коски од говедско, свинско или живина, по можност со делови од ‘рскавица и сврзно ткиво;

вода колку целосно да ги покрие коските;

2 лажици јаболков или вински оцет;

кромид и морков по желба;

ловоров лист, целер, бибер и други зачини по вкус;

малку сол.

Најпрво добро измијте ги коските. Ако сакате побогат вкус, печете ги во рерна 30 до 40 минути на 180 степени Целзиусови. Потоа ставете ги во големо тенџере, прелијте ги со студена вода и додајте го оцетот.

Кога водата ќе зоврие, намалете ја температурата и оставете ја супата да се вари на тивок оган. За говедските и свинските коски, рецептите често предвидуваат најмалку осум часа варење, а понекогаш и подолго. Времето зависи од видот и големината на коските. Отстранувајте ја пената што се создава на површината, а кромидот, морковот и зачините додајте ги во последниот час за да го зачуваат вкусот.

Кога ќе биде готова, процедете ја супата и оставете ја да се излади. Во фрижидерот може да се стегне и да добие желатинозна структура — тоа е вообичаено кога во течноста има желатин. Ако на површината се собере слој маснотија, можете да го отстраните откако ќе се излади.

Како правилно да ја чувате?

Супата не треба да стои со часови на собна температура. Поделете ја во помали, плитки садови и ставете ја во фрижидер или замрзнувач штом е соодветно изладена. Во фрижидер обично се чува три до четири дена, а во замрзнувач може да се чува неколку месеци, односно, околу 6 месеци.