Намаз од печени пиперки наместо ајвар

Фото: Pexels
761

Овој намаз од печени пиперки е вкусна замена за стариот добар ајвар, а се прави двојно побрзо од него

Намазот од печени пиперки е вистински деликатес, а со оглед на тоа што е сега сезона на пиперки, а наскоро и време за правење ајвар, го споделуваме овој едноставен рецепт кој се прави многу побрзо од ајварот.

Сите видови зимница која се прави со пиперки си имаат свои вкусови, постапки и рецепти, но намазот од печена пиперка е најлесен и најбрз за правење.

Потребна ви е 1 црвена пиперка, 10 обични долгнавести пиперки, 1 црвен кромид, 2 чешниња лук, маслиново масло, а за зачини ви треба една лажичка ким, една лажичка семки од коријандер, една лажичка ким, една лажичка кумин, 2 лажици доматно пире, 1 лимон и сол и можете да започнете со подготовка на овој зимски деликатес за целото семејство.

Направете го вашиот прв намаз од печена пиперка

Сите пиперки, кромидот и лукот се редат во плех обложен со хартија за печење, се мачкаат со маслиново масло и се печат 20 минути во рерна на температура од 200 степени. Во суво тавче пропржете ги сите зачини околу две минути, па префрлете ги во блендер и смелете ги во прав. Исчистете ги печените пиперки од рачките и од семките, но не треба да ги лупите. Излупете ги само кромидот и лукот и подготвени сте да го направите првиот намаз од печена пиперка.

Пиперките, лукот и кромидот ставете ги во блендер и блендирајте додека не добиете компактна смеса. На маслиново масло се пропржуваат две лажици доматно пире, се додава смесата од блендерот и се меша за да се намали течноста и да се згусне, па се додава сок од еден лимон и мелените зачини и се меша понатаму на рингла до саканата густина, се додава сол на крајот од процесот. Додека е уште топол, згуснатиот намаз префрлете го во загреана тегла и покријте го со маслиново масло за да не се расипе.

Намазот од печена пиперка се подготвува полесно и побрзо од ајварот


Има многу причини зошто оваа година наместо ајвар треба да пробате нешто ново со пиперки. Прво, намазот од печените пиперки полесно и побрзо се подготвува од ајварот, некои велат дури и двојно побрзо. Второ, ова е подеднакво вкусен деликатес, можеби и повкусен од ајварот, а е и поевтин, без трошок за патлиџаните, без кои ајварот е незамислив. Комбинацијата од зачините му дава на овој намаз посебен вкус кој не може да се замени со ништо друго, а аромата на пиперката станува посилна.

Намазот од печена пиперка полесно се подготвува бидејќи нема бескрајно лупење на пиперките (или модрите патлиџани), а црвениот кромид и лукот печени во кора целосно ја зачувуваат својата арома и лесно се лупат. Неизлупените пиперки блендерот ги претвора во компактна смеса толку добро што лушпата воопшто не се чувствува, а се зачувани сите корисни состојки на пиперките кои се концентрирани во кората, па едвај има отпад, а ги нема ниту валканите садови како со ајварот, ниту пак испрскана кујна околу шпоретот. Направете ја оваа мала доза за проба, па размислете што ќе направите.