Ова што го доживувам секој пат кога доаѓам тука, во Англија го нема. Тоа е љубовта и чувството како да се знаеш со години со некој што тукушто си го запознал, вели нашата Спасиа Динковски која овојпат во земјата на своите родители и претци доаѓа со потпишан договор за книга со британска издавачка куќа. Книга посветена на македонската храна, култура и обичаи, низ приказните на луѓето што ги запозна тука, проткаени со многу вкусни залаци
Спасиа Динковски е девојката со македонски корени која е родена во британскиот град Кроли, а живее во Лондон каде што ги разгалува лондончани со своите огромни македонски порции со деликатесни егзибиции во чија основа е рецептот за бурекот на баба ѝ Славка.
Овојпат таа се врати во Македонија со потпишан договор со британската издавачка куќа ДК (Дорлинг Киндерсли Лимитед, британска мултинационална издавачка компанија, дел од Penguin Random House), за книга за македонската храна и традиција.
Спасиа која е родена во Кроли, Англија, често ги минувала летните распусти кај баба ѝ Славка во Скопје, а последниве две години, од речиси анонимна готвачка во повеќе мали ресторани во Лондон, стана вистинска ѕвезда со својот Mystic Borek. На почетокот од 2022. година во онлајн и во печатеното издание на британскиот Гардијан, рецензијата на 50 најдобри омилени јадења на Observer Food Monthly (ОФМ) која се објавува секоја година, започнува токму со Спасиа Динковски и нејзиниот Mystic Börek: најдобрите печива на Инстаграм.
Токму преку Инстаграм ѝ стасала и првата порака од нејзините издавачи чие внимание го привлекла со своите приказни за храната, за луѓето и за Македонија.
Како се готви книгата со македонски рецепти и македонски приказни
„Агент од издавачката куќа ми прати порака прашувајќи ме дали некогаш сум пишувала, затоа што им се допаднал стилот на кој ги раскажувам моите приказни на профилот. Ми се јави во март, се видовме на кафе и ме праша дали имам некаква идеја. Искрено, тогаш немав воопшто идеја за пишување книга, па останав затечена од прашањето, но признавам дека уште во истиот момент ми се допадна идејата. Знаев дека сакам жените да бидат најцентрални во приказната за храната од Македонија, затоа што и онака сета моја поврзаност со храната влече корени од мојата поврзаност со жените во нашето семејство. Да готвам ме научија мајка ми, баба ми, тетка ми,…А всушност, пред да ме побара и да ме праша за книгата агентката била на една од моите поп-ап вечери на кои ѕвезди на вечерата беа сармите со кисела зелка и токму тие сарми, заедно со моите приказни на Инстаграм, биле причината да ми понудат да напишам книга за македонската храна“, се потсетува Спасиа.
Таа вели дека на англискиот пазар веќе постојат книги со рецепти за македонски јадења, но нејзината нема да биде само уште една во низата. Ќе биде книга со рецепти, но и со приказни за сите луѓе што таа ги запознала во текот на своето гастрономско патување низ татковината.
„Кога пишувам за храна, јас сакам да раскажувам приказни за луѓето бидејќи тие ја прават сликата на една земја. А сите луѓе кои ги запознав за време на мојот престој тука и минатиот пат и сега, се луѓе со кои имав чувство како да се познавам со години. Во Лондон не е така. Сите овие средби беа многу природни, спонтани, а истовремено и проткаени со многу богати вкусови и со многу интересни приказни за моите прекрасни домаќини. Така што не се плашам дека нема да имам материјал за книгата, се плашам дека ќе треба да напишам две книги или пак некоја многу дебела книга“, се смее Спасиа и додава дека е среќна што гостопримството на сите вредни луѓе со кои се запознала тука, може да им го возврати со тоа што ги промовира на својот Инстаграм, а таму веќе стасуваат реакции и прашања од нејзините следбеници.
„Кога ги постирав сликите и приказната за мојот прекрасен ден што го поминав со Наташа Неданоска во Рамне, веднаш добив десетици пораки и прашања за тоа каде се наоѓа ова. Среќна сум затоа што многу луѓе кои ме контактираа ми најавија дека веќе планираат следниот одмор да дојдат кај неа. А ова е само една од приказните кои ќе ги заинтригираат, бидејќи имам уште многу такви. Моето омилено место во Скопје од сега е гостилницата „Фросина“ и мојот домаќин Тони со кој многу зборувавме за традиционалното македонско гостопримство, но и за тоа што ќе биде следните 20-30 години кога повеќе ќе ги нема постарите генерации и оние кои сѐ уште ја одржуваат оваа традиција“, раскажува Спасиа.
Настаните со македонска и балканска храна во Лондон и популарните крофни од лиснато тесто
Во Лондон пак, веќе се букирани и распродадени нејзините популарни македонски ручеци/вечери со балканска храна.
„Да, многу се прочу за тие балкански настани. Сега повеќе се одржуваат преку ден и сега повеќе сум сконцентрирана на питите, но правам различно нови варијанти. Во моментов се хит еден вид крофни направени од готови кори. Ги мачкам со јајце, јогурт и масло, една по една, потоа ги вртам во форма на полжавчиња и ги пржам во масло. Ги вадам, ги оставам малку да се оладат, па правам дупче и ги полнам со фил од лути пиперчиња, крем сирење и фета сирење. Тие се толку популарни, што не можам да постигнам со нарачките, а кога настанот почнува во 11 часот, наместо како што планираме, докај 16 часот, сѐ е продадено веќе во 12 ипол“, се смее Спасиа.
Како и секаде, така и таму вели, цените се ужасно зголемени. На пример, киријата за нејзината работилница од 1200 фунти, сега е зголемена на 2000 фунти, па дури и тоа е сега евтино во споредба со другите.
И самата морала да ги покачи цените на своите производи, но како што вели, за разлика од останатите кои само ги покачуваат и не им објаснуваат на своите муштерии зошто и како, таа, во свој стил, напишала писмо до своите следбеници.
„Писмото со информацијата за новите цени го пуштив на Инстаграм и им кажав зошто морам да ги качам цените и имав многу добар одговор од нив заради мојата искреност. Мојата цел не е да правам огромни профити, мојата цел е луѓето кои ќе дојдат за да ја пробаат мојата храна, кога ќе заминат да бидат сити и сакам што повеќе луѓе да можат да си дозволат да дојдат и да пробаат. Иако тука не се навикнати на толку големи порции, па сите ми викаат дека сум многу „великодушна“со порциите, па повеќето луѓе секогаш си земаат и за дома затоа што не можат да изедат сѐ наеднаш. Ама тоа се тие познати македонски порции, нели? За мене најважно е кога ќе си дојдат дома луѓето да кажат дека не било многу скапо, а било обилно и вкусно“, вели Спасиа.
Инаку, вредната Спасиа сѐ уште готви самата и вели дека без оглед на количините, таа ужива во процесот. Има помош за нарачките и организацијата, а вели дека едвај чека да се отараси и од обврските околу финансиите кои најтешко ѝ паѓаат.
„Еве, следната сабота, кога ќе се вратам во Лондон, ќе готвам за 140 луѓе. Сета храна ќе ја спремам самата. Тоа ме релаксира, ќе зготвам сѐ за 15 часа и ќе уживам во тоа, ама за комјутери, за сметководителство и за сѐ друго, немам ниту време, ниту желба“, завршува Спасиа која и овојпат си заминува со полн куфер со намирници кои ќе ги употреби на претстојниот настан.
Нејзината книга треба да биде готова до април следната година, а во меѓувреме ја очекуваме повторно можеби уште во октомври, на лупење пиперки за ајвар.