И костени и пченки: Ете зошто ја сакаме есента

129

Има ли нешто поубаво од овој период во годината кога има толку многу плодови, јаболки, круши, калинки, тикви, костени, ама сѐ уште има и пченки? Кога едните се во ек на сезона, а другите при крајот, направете си една заедничка гозба – ем печени костени, ем печени пченки

Костените допрва почнаа, пченките сѐ уште ги има, а мирисот на печени костени и печени пченки е едноставно неодолив.

Костените можат да се консумираат како меѓуоброк, како состојка од некое предјадење или од главното јадење или како десерт. Сепак, не биле секогаш толку популарни. Имено, долго се сметало дека се костените „леб за сиромашните“. Во време на големата глад, кога пченката била ретка и прескапа, костените биле основна храна. Во текот на историјата костените спасиле многу животи благодарение на високата содржина на скроб, кој овозможувал од него да се прави леб.

За разлика од другите јаткасти плодови (ореви, бадеми, лешници), костените, освен доста скроб, единствени содржат и витамин Ц, а се и извонреден извор на витамин Б6, калиум и фолна киселина, како и прехранбени влакна корисни за системот за варење. Стручњаците велат дека печените костени содржат повеќе витамини, а варените поголема количина минерални состојки, но секако се многу хранливи.

Поради тоа, тие се одличен избор за спортистите и за децата, а бидејќи се богати со калиум, препорачливи се и за лица со кардиоваскуларни и бубрежни заболувања.

Пченката пак, не содржи холестерол и има многу малку заситени масти. Содржи голема количина железо и влакна, фолна кислеина, витамин Ц, Б6 и Б9.

Корисна е затоа што го намалува ризикот од кардиоваскуларни болести, ја намалува апсорпцијата на холестерол во телото, ги контролира дијабетесот и хипертензијата, ја намалува можноста за добивање хемороиди, го регулира варењето на храната, ги јакне коските, а има позитивни ефекти и за кожата и видот.

За сите кои се грижат дека пченката ќе ги здебели, добро е да знаат дека една пченка има во просек околу 100 калории.