Од Скопје до Ибица: Козметика што се јаде, дело на македонски ајурведски терапевти, стаса кај светскиот џет-сет

835

Туморот на хипофиза за кој класичната медицина не му нашла лек, нашиот соговорник Горан Поповски, го излекувал со природна медицина. И не застанал тука. Станал ајурведски терапевт, како и доктор за пулсова дијагностика, а со својот пријател Владо Сејменовски, исто така ајурведски терапевт, од пред три години прават третмани и на Ибица. Од летово нивните рачно изработени козметички и производи за здравје се изложени во најексклузивната продавница на островот

Нашиот соговорник Горан Поповски е човек кој не мирува. Иако веќе си ја гази педесетката, неодамна, поточно во време на короната, покрај факултетот за биотехнологија кој си ги завршил во младоста, завршил онлајн и природна медицина на универзитет во САД, а станал и ајурведски терапевт и лекар за пулсова дијагностика.

Сѐ почнало кога пред повеќе години му бил дијагностициран аденом на хипофиза.

„Беше неоперабилен, а класичната медицина не можеше да ми помогне, па ако ви кажам дека сите што лежеа со мене во болничката соба во тој период денес се во „Бутел“, ќе ви биде јасно дека морав да си го барам чарето на друго место“, вели Горан.

Така патот го одвел во Индија каде што се запознал со јогата, со техниките за дишење, но и со ајурведата, најстарата медицина во светот која потекнува од Индија и не значи само едноставен систем за нега на здравјето, туку и животен стил и одржување на совршен баланс и хармонија во човековото тело. Оваа древна индиска медицина користи различни техники кои комбинираат исхрана, хербална медицина, арома терапија, масажа и медитација, за да го вратат телото во совршена рамнотежа.

Горан, вели, е жив пример дека комплетната промена на животниот стил е навистина важна.

А животниот стил на Горан последниве години е таков што ретко кој може да го следи.

За него не може да се каже накусо ништо, а повеќето од нас ќе се изморат само кога ќе слушнат што сѐ прави од зорите кога станува, па до 22 часот навечер кога гледа да е во кревет.

Горан се обучувал за ајурведски терапевт во ајурведските центри во Индија, а потоа и низ повеќе европски центри, каде што се стекнал и со сертификати за јога-инструктор за трудници, за деца и млади, за затвореници, емигранти, бизнисмени,… Од пред извесно време тој има редовни часови по јога за трудници, а  пред 2-3 години редовно им држел часови по јога на затворениците во штипскиот затвор. Работел и со деца и млади во Домот „11 Октомври“, со емигранти во центарот за емигранти во Гевгелија, со сениори во Подгорица.

Со група ентузијасти пред 15 години ја основал Ајурведа Македонија. Тие се лидер на Балканот во областа на ајурведската медицина, природниот начин на лечење, козметика и другите здрави навики и е една од водечките во овие области.

Имаат преку 40 соработници во земјава и странство и понатаму настојуваат да ја зајакнат својата позиција на пазарот, преку континуирано ширење на палетата на производи и услуги во Централна и Источна Европа. А од пред три години, ни помалку ни повеќе, туку се присутни и на Ибица.

Имено, Поповски заедно со скопјанецот Владо Сејменовски веќе три години вршат ајурведски третмани на еден од најпопуларните шпански острови кој е познат по журките до сабајле, најдобрите коктели и цени од кои ќе ви се заврти во глава.

И тоа не е сѐ. Освен ајурведски третмани и масажи, од летово на Ибица, меѓу светскиот џет-сет се популарни и нивните ајурведски лековити масла, путери, креми за убавина, но и за здравје, сите од локални природни состојки кои ги изработуваат рачно во ајурведскиот центар во Скопје.

Дел од производите сега се продаваат и во една од најексклузивните продавници на островот (La Galeria Elefante Concept Store) во сопственост на Англичанка која прво почнала да ги користи нивните ајурведски третмани, а откако ги испробала производите, побарала да ги изложат во нејзината продавница.

„Засега таму има само дел од производите и повеќето се козметички, а ги правиме рачно од природни состојки, како и сите производи што ги имаме и во Скопје. Всушност, тоа е козметика која слободно можете и да ја вкусите бидејќи во неа нема никакви хемиски додатоци. Не знам по која цена им ги продава нашите производи на нејзините муштерии, ама не ме ни интересира, тоа си е нејзина работа, само претпоставувам дека самиот не би можел да си ги дозволам кога би требало да ги купам таму“, се смее Горан.

Според ајурведскиот принцип, не треба да го ставате на себе она што не можете да го јадете, па и нивните производи се токму такви.

„Нашето тело и кожа се уморни и затруени од хемиските производи кои секојдневно ги користиме, па овие, изработени по ајурведскиот принцип се она што ни треба на сите. Сите рецепти на индиската ајурведска козметика се базираат на билки и други растенија и се насочени кон отстранување на токсините од нашето тело, што придонесува за севкупно подобрување на благосостојбата и забавување на процесот на стареење“, вели Горан.

Меѓу овие производи особено интересни се органското ајурведско масло против егзема и псоријаза, ајурведскиот путер за лице и тело со додаток на масло од коноп, ајурведскиот сапун, и други производи направени со состојки кои се инаку наменети и за консумација, како на пример, сусамово масло, маслиново масло, ги путер, куркума, лаванда, мента, портокал, ванила… Затоа, не е чудо ако додека си ги миете рацете со нивниот ајурведски сапун добиете неодолива желба да го гризнете.