Ролат со спанаќ: Здраво, декоративно и вкусно
Ако не знаете што да направите за ручек или ви се најавиле гости, еве одлична идеја. Здраво, декоративно и вкусно
Овој предлог за денешниот ручек е баш за сите, за оние што не јадат месо, одлична идеја, за оние што сакаат спанаќ, уште подобра, ама и за оние што не јадат спанаќ, доволно вкусно и декоративно за да им го смени ставот. Ако и вие си имате таков проблем со некој од домашните, понудете им го спанаќот вака, во попривлечна варијанта.
Од каде да знаете, можеби потоа ќе треба често да купувате спанаќ.
Состојки:
500 г спанаќ, обарен
4 јајца
4 лажици брашно
100 г павлака
1 лажица масло
1-2 чешниња лук
1/2 лажичка морско оревче
сол
црн пипер
микс од зачини, вегета
За кремот:
100 г сирење, рендано
100 г крем сирење
Приготвување:
1. Изматете ги белките.
2. Обарете го спанаќот, исцедете го добро и откако ќе се излади ставете го во блендер. Додадете ги жолчките, зачините, павлаката, брашното, лукчето и изблендирајте добро. Потоа полека, со спатула, измешајте ги белките со смесата од спанаќ.
3. Ставете го ролатот врз хартија за печење и печете го на 180 степени околу 20 минути. Откако ќе се излади префрлете го врз алуминиумска фолија или соодветен плех и полека одлепете ја хартијата.
4. Измешајте ги крем сирењето и ренданото сирење, намачкајте го кремот врз печениот ролат и завиткајте го. Ставете го во фрижидер да се излади, па исечето го на парчиња.