Туна или сардина? Што е поздраво?

Фото: Pexels
447

Живата е пресудна кога се поставува прашањето која риба е поздрава. Токму поради присуството на жива во туната, многу експерти за исхрана пресудуваат во корист на сардината

Рибата е здрава храна поради високиот процент на протеини и омега-3 масни киселини. Сепак, не е секој вид подеднакво корисен за нашиот организам, па затоа треба да се биде внимателен во поглед на зачестеноста на нивната употреба во исхраната.

Сардините се најздрави
Нутриционистите велат дека сардините се најдобрата конзервирана риба и со нив не можете да погрешите. Во 100 грама има дури 25 грама протеини. Благодарение на големото количество калциум, овие мали риби се исклучително важни за здрави и силни коски, добра работа на клетките и функционирање на нервите. Сардините содржат повеќе витамин Е по порција од туната. Витаминот Е е важен за добра циркулација, а како антиоксидант се бори против штетните материи во организмот. Ако јадете 170 г сардини дневно, ќе добиете околу 3,5 мг витамин Е, што е околу 23 проценти од препорачаната дневна доза. Од друга страна, за да внесете иста количина на витамин Е преку туната, треба да јадете двојно повеќе отколку сардини.

Висока содржина на жива
Туната има сличен процент на протеини, но помалку холестерол од сардините. Сепак, нивото на калциум е драстично пониско, а нутриционистите се крајно загрижени за количината на жива што може да се најде во туната. Во некои компании во светот дури почнаа да го проверуваат процентот на жива пред да ја пакуваат туната во лименки, но тоа е сепак ретко. Оваа штетна состојка е причината поради која многу експерти за исхрана пресудуваат во корист на сардината секогаш кога се поставува прашањето која риба е поздрава.