Она што е јаготката во десертите, тој е во солените јадења: Зошто се става магдонос на врвот од јадењето?

Фото: Pexels
147

Во ресторан, пред послужувањето, готвачите честопати ставаат парче магдонос на врвот од јадењето. Тоа е случај и кога готвиме дома. Зошто е тоа така?

Кога се прават десерти, тие обично се украсуваат со јаготка на врвот, додека пак кога се прават солени јадења, се посегнува по магдоносот. Свежиот магдонос ја разубавува презентацијата и вкусот на јадењата, од супи до сосови. Благодарение на неговиот живописен, лиснат изглед и вкус кој служи за нагласување на другите вкусови тој се употребува во кулинарството од многу одамна.

Освежувањето на здивот со грицкање свеж магдонос датира од времето на Старите Римјани. Тоа е, веројатно, една од причините поради која настанал овој обичај ширум светот. Друга причина е украсувањето на јадењето, што наводно потекнува од првите месарници каде што се ставало магдонос околу свежото, но и околу печеното месо, за храната да им биде попривлечна на купувачите. До 1915 година, магдоносот се ставал на чиниите во речиси секој ресторан.

Тоа, сепак, отсекогаш им пречело на некои гости, бидејќи се сомневаат дека тоа парче растение претходно било на туѓа чинија…

Секако, третата причина поради која магдоносот се наоѓа на послужениот оброк е да се подобри вкусот на храната, но во овој случај тој најчесто се сечка и се посипува во садот.

Зошто магдоносот е добар за свеж здив? Бактериите во устата почнуваат да се развиваат после јадење, а тоа е директна причина за лошиот здив. Магдоносот содржи високо ниво на хлорофил, којшто го уништува вишокот бактерии.

Магдоносот е особено добар за џвакање после јадење лук или кромид. Покрај магдоносот, помага и свежото нане, босилекот или рузмаринот.

Следат уште неколку придобивки од ова растение: делува како антиоксидант, ѝ помага кожата да изгледа помлада, го чисти телото од токсини, го раствора вишокот маснотии во телото, ги чисти бубрезите, има антиинфламаторно дејство, полно е со витамин Ц, содржи многу минерали и го зајакнува имунитетот.

Затоа, не пропуштајте да ја украсите вашата калорична празнична руска салата со повеќе магдонос.