Намаз од тиква: Уште еден деликатес за љубителите на нашата домашна банана

Фото: Pexels
252

Меѓудругите здравствени придобивки, тиквата помага за намалување на холестеролот во крвта, а исто така се препорачува во исхраната на оние кои страдаат од гихт или ревматски проблеми. За оние кои ја сакаат, ова е уште еден деликатес во низата, а за другите – уште една можност да ја засакаат

Тиквата е идеална храна за луѓе кои имаат проблеми со желудникот и со цревата. Заради големата количина на влакна што ги содржи, помага против запек и ги ублажува проблемите со воспаление на дебелото црево.

Исто така е диуретик, затоа се препорачува за воспаленија на уринарниот тракт, бубрезите и за проблеми со жолчката. Помага за намалување на холестеролот во крвта, а исто така се препорачува во исхраната на оние кои страдаат од гихт или ревматски проблеми.
Денес е познато дека бета каротенот, со кој е богата тиквата, има повеќекратни заштитни ефекти врз нашето тело. Го блокира дејството на слободните радикали и со тоа директно спречува оштетување на клеточната ДНК структура, делува како силен антиоксидант, што значи дека го запира развојот на супероксиди и пероксиди. Дневната доза која му е потребна на организмот е од седум до 10 мг. Се користи превентивно, бидејќи го намалува ризикот од рак на грлото, хранопроводот, желудникот и грлото на матката.

Ако сте љубител на тиква па често ја јадете печена, правите крем супи или пити со тиква, тогаш е време да го испробате и овој вегетаријански намаз од тиква.

Состојки:

1 помала (Хокаидо) тиква или некоја друга
2 лажички масло
30 гр ѓумбир
6 лажички кокосово млеко
прстофат сол
прстофат чили
прстофат црн пипер
малку мед

Приготвување:

Исечете ја тиквата на половина и исчистете ја. Исечете ја на парчиња, додадете масло, сол и чили.
Наредете ја зачинетата тиква на хартија за печење и печете околу 20 минути во загреана рерна на 230°С.
Излупете го и изрендајте го ѓумбирот. Измешајте ги со миксер или во блендер печената тиква, ѓумбирот и кокосовото млеко.
Додадете малку мед и црн пипер по желба. Послужете го намазот разладен со крекери или леб од интегрално брашно.