Мирисот на бозелот: Рецепт за стариот добар сок кој не потсетува на детството

Фото: Pixabay
1.279

Вчера добив едно шишенце сок од бозел од госпоѓа Зорица Блажевска која направила мала количина за себе и за семејството. И што да ви кажам освен дека – нема мирис како мирисот на бозелот.

Сокот од бозел е еден од оние со кои пораснале многу генерации на овие простори. Токму затоа и мирисот на бозелот за многумина е чиста носталгија. Јас вчера добив едно мало шишенце од сокот што го подготвила госпоѓа Зорица Блажевска за себе и за своето семејство и што да ви кажам освен дека – нема мирис како мирисот на бозелот.

Всушност, сите треба да засукаме ракави и да си направиме сок како што порано го правеа и нашите мајки и баби. Добрата вест за љубителите на ароматичниот домашен сок е тоа што е бозелот во полн цут – цвета во месец мај, па сега е вистинското време за берење.

Цвеќињата за сок мора да бидат свежи, а за чај може да се берат и малку подоцна.

А колку лесно се прави и колку е здрав бозелот, прочитајте подолу.

Освен што од бозелот се прави сируп, вино, мармалад и желе, тој може да се зачува и со замрзнување. Најдобро е бобинките да се извадат од стебленцето со помош на вилушка, да се сварат кратко и да се замрзнат во пластични садови. За време на сезоната на грип и студ, можете да додадете замрзнати бобинки во чаевите или во свежите овошни сокови. Зрелите бобинки содржат витамин Ц, каротин и витамин Е, а особено се богати со витамин Б1.

Сок од бозел

Состојки:

20 цветови бозел; 1 литар вода; 800 гр шеќер, сок од 1 лимон.

Приготвување:

Во 1 литар ладна вода натопете 20 свежи цветови бозел. Оставете да отстои на ладно место 24 часа, но не во фрижидер. Процедете, додадете 800 грама шеќер и сок од 1 лимон и оставете да отстои уште 24 часа. Повремено мешајте за да се раствори шеќерот. Процедете низ двојна газа и истурете во шишиња.

Овој сок се пие разреден со вода, а можете да користите и минерална газирана вода.

Здравствени придобивки

Цветовите на бозелот се исклучително богати со гликоза, танини, флавоноиди, каротин, рутин и витамин Ц. Бобинките содржат алкалоиди, каротини, танини, органски киселини и витамини А, Б и Ц.

Се претпоставува дека флавоноидите содржани во бозелот се одговорни за повеќето негови лековити својства. Флавоноидите се моќни антиоксиданти кои го штитат нашето тело од оштетувања.

Одличен сојузник е во спречување на грип и настинка бидејќи го зајакнува имунитетот. Покрај тоа, има антивирусно и антимикробно дејство.

Ако се чувствувате дека ќе заболите од грип, пијте чај направен од сушени цветови од бозел или едноставно напијте се домашен сок од бозел. Ова растение е корисно за астма и воспаление на дишните патишта, бидејќи го олеснува дишењето и помага при искашлување.

Во пролет, цветот можете да го користите како лек против алергии на полен.

Ова растение може да помогне при акни, чиреви, конјунктивитис и осип на кожата. Освен што е лаксатив, делува и како диуретик и придонесува за здравјето на бубрезите. Се користи во услови кога е потребно посилно потење.

Поради лаксативните, диуретичните и детоксикациските својства, тој е одличен како помош за слабеење.