Заштедува време и пари: Дали знаевте дека можете да замрзнете дури и јајца, млеко, сирење…

Фото: Freepik
252

Дури и да се зачуди човек како не се сетил порано што сѐ може да замрзнува…На пример, коцка замрзнато млеко во кафето е и одличен начин за да си го изладите малку кафето


Иако знаете дека ставањето храна во замрзнувач го продолжува нејзиниот животен век, ова го практикувате само со некои намирници.

Доколку малку попаметно го користите замрзнувачот, би заштедиле многу пари и време, особено доколку купите малку повеќе храна отколку што ви е потребна.

Австралискиот синџир супермаркети Woolworths откри неколку изненадувачки работи за кои можеби немавте поим дека можете без проблем да ги чувате во замрзнувач.

Кромид

Во сад во замрзнувач можете да чувате сиров, исечкан или мелен кромид до шест месеци, што е супер практично кога сакате да зготвите нешто набрзина. Само додадете сечкан кромид во супа или вариво.

Јајца

Никогаш не би помислиле дека сировите јајца можат да траат до 12 месеци во замрзнувачот. Едноставно ги кршите и ја ставате содржината во сад за мраз. Во нив можете да додадете и некој зачин, што е одлично кога правите омлет.

Сирење

Сигурно барем еднаш сте забележале мувла на сирењето, но лесно можете да го спречите со замрзнување. Моцарелата, на пример, може да остане во замрзнувач до шест месеци, а можете да ја подготвите без претходно да ја одмрзнете, што е одлично доколку правите пица.

Зеленчук

Сите знаеме за замрзнатиот зеленчук од продавница, но истото можете да го направите и дома. Откако ќе го избланширате свежиот зеленчук (со тоа се зачувува бојата и вкусот), изладете го под млаз ладна вода и добро исцедете го. Замрзнатиот зеленчук може да трае и до шест месеци.

Јаткасти плодови

Верувале или не, сите јаткасти плодови можете да ги чувате во замрзнувач до шест месеци. Можете да правите што сакате со нив – пржете, лупете, печете – и потоа чувајте ги во сад и замрзнете ги.

Сендвичи

Ако некогаш сте замрзнале леб, тогаш знаете каков е кога ќе го извадите – свеж како од пекара. Забрзајте ја подготовката на оброците со чување на готови сендвичи во замрзнувач. Тие брзо се одмрзнуваат на собна температура, само избегнувајте да ставате расиплив зеленчук како зелка и домати внатре бидејќи потемнуваат по замрзнувањето.

Млеко

Така е, млекото може да остане во замрзнувач до шест месеци. Можете да го замрзнете во оригиналното пакување, но прво испијте малку бидејќи млекото се шири кога ќе се замрзне. Можете исто така да го истурите во сад за коцки мраз и потоа да го додавате така замрзнато во смути, супи, па дури и во кафе.

Брашно

И конечно, брашното, намирница која на тој начин може да трае и секогаш да биде свежо. Ова особено се однесува на интегралното брашно, кое трае помалку од класичното брашно. Погрижете се да го доведете на собна температура пред да го користите. Можете да го истурите и во тава за да го забрзате процесот.