Рецепт за кнедли со сливи кој доаѓа директно од кујната на баба Катица

Фото: Freepik
789

За некои се десерт, за некои, дел од ручекот иако се слатки. Кој како сака! А не можеме да веруваме дека постои некој што не ги сака, особено кога имате инструкции од искусна мајсторка

Госпоѓа Катица Луетиќ, инаку, свекрва на сестра ми и баба на внук ми, која одамна од својата родна Славонија се преселила во Загреб, сѐ уште се сеќава на своето омилено јадење – кнедлите со сливи. Секогаш кога ги подготвувала дома за најблиските, тие ѝ ги враќале познатите вкусови и мириси од детството. За нас е интересно тоа што таа овие кнедли не ги подготвуваше како десерт, туку како омилен сладок дел од ручекот.

Останува како анегдота да се прераскажува денот кога нашиот помал брат кој беше во војска во Загреб (онаа старата војска, ЈНА), дошол на ручек кај семејството Луетиќ, а тие на маса најпрвин ги извадиле кнедлите со сливи, како посебен специјалитет за драгиот гостин. За среќа, не биле само кнедлите со сливи и шеќер, ама сите убаво се изнасмеале кога го здогледале изразот на лицето на нашиов скопјанец кој желен за вкусна домашна храна, не можел да го скрие разочарувањето кога ги видел слатките кнедли.

Бидејќи се сега актуелни сливите, се потсетивме на вкусот на оние славонските, од кујната на баба Катица и го обезбедивме за вас нејзиниот рецепт со кој нема шанси да згрешите.

За 50 кнедли ќе ви требаат:


1.100 гр пире од компири (ви требаат за ова околу 1.300 грама компири)
450 гр бело брашно
2 јајца
50 сливи со извадени семки
3 лажици свинска маст
300 гр лебни трошки
100 гр шеќер

Приготвување:
Во изладеното пире од компири додадете две јајца и убаво измешајте. Додадете брашно и замесете го тестото. Ако тестото ви е многу лепливо, слободно додадете 1-2 лажици брашно или набрашнете ги рацете и така направете топчиња за да бидат меки кога ќе ги сварите.

Имате две опции кога станува збор за формирање на кнедлата. Првата е да се расука тестото на работната површина, да се исечат квадрати колку да може сливата да се вклопи внатре (зависи какви сливи имате), да ја ставите сливата на средина, па да ја свиткате во топка, односно, кнедла. Друга опција, а токму оваа е таа која ја применуваше госпоѓа Катица, е да од тестото со лажица и да го раширите на набрашнетата рака, да ставите слива, да ја завиткате и да ја обликувате тркалајќи ја меѓу двете набрашнети раце.

Ставете ги кнедлите на лесно набрашнета хартија за печење. Кога ќе ги формирате сите кнедли, ставете ги во тенџере со зовриена вода. Секогаш избирајте поголемо и поплитко тенџере и наполнете го до половина со вода. Посолете малку и кога водата ќе зоврие, полека и нежно ставете ги кнедлите и варете ги додека не излезат на површина, околу 7-10 минути.

Додека се варат, подгответе ја смесата за валкање на кнедлите. Во длабока тава растопете ја свинската маст и во неа пропржете ги презлите. Доволни се неколку минути, само малку да потемнат. Сварената кнедла исцедете ја и веднаш ставете ја во тавата со трошките и нежно извалкајте ја! При послужување, поросете ја со шеќер.

Ако ви се многу, дел од кнедлите оставете несварени и замрзнете ги. Наредете ги на плех обложен со хартија за печење и ставете сè заедно во замрзнувач на 1 час за да се стегнат и да не се лепат една со друга, а потоа спакувајте ги во кесички и вратете ги во замрзнувач. Слободно гответе ги замрзнати, само ќе потрае малку повеќе.