Нашиот соговорник Ѓорѓе Костиќ е еден од најдобрите готвачи од соседна Србија во чии специјалитети уживале и голем број државници и дипломати од светот, но е и голем вљубеник во Македонија и во македонската кујна. Најголемо разочарување за еден ваков гастроном и гурман како него, вели на шега, е кога ќе му се „погодат“ ќерка, зет и внука, вегани!
На стартот на годинешното, седмо издание на „Гастромак и пријателите“, помеѓу врвните гастрономски мајстори на добриот вкус, имавме шанса да зборуваме со шеф Ѓорѓе Костиќ.
Овој светски човек и еден од најдобрите српски готвачи, е редовен посетител на Македонија за која, освен „Гастромак“, го врзува и неговата голема љубов кон македонската храна и македонската песна, но и спомените за неговата прва љубов која му се случила токму во Скопје.
Иако со радост се сеќава и го чува споменот на својата прва љубов во Македонија, дури подоцна ја сретнал љубовта на својот живот, неговата сопруга која, за жал, починала многу рано.
Овој меѓународен кулинарски судија, освен што е еден од најдобрите готвачи во Србија, е и човекот чии идеи се дел од изгледот и начинот на работа на огромен број на ресторани и хотели во светот.
Во неговите специјалитети уживале Ширак, Медведев, Саркози, претседателите на Азербејџан и Казахстан, а Ердоган, претседателот на Турција, бил воодушевен од вештината со која го организирал претседателскиот банкет. Од него биле воодушевени и Кинезите, а велат дека во Челјадинск, Русија, неговите кулинарски вештини ги препознал и Путин.
Ова е приказната за Ѓорѓе Костиќ, меѓународен кулинарски судија, еден од најдобрите српски готвачи, основач и почесен претседател на Асоцијацијата на шефови/готвачи на Србија, но и почесен претседател на Асоцијацијата на шефови/готвачи на Македонија, Русија, Украина, Казастан, Азербејџан итн.
А сѐ, вели тој за „Арт кујна“, почнало со неговата баба.
„Живеевме на село, а мојата баба беше една од оние баби какви што секогаш има, која готви за свадби, погреби, банкети за испраќање во војска, врвна готвачка за домашна кујна. Јас секогаш трчкав околу неа и гледав како готви, а уште од мали нозе сакав да експериментирам, па некогаш добивав и ќотек“, се смее Костиќ потсетувајќи се на неговите најрани почетоци во гастрономијата.
Сепак, неговиот животен пат не почнал од кујната, туку под сугестии на татко му, се запишал во угостителско за да стане келнер.
Потоа почнал да работи во белградскиот хотел „Москва“, а откако ги поминал сите сегменти во рамки на угостителскиот сервис, бидејќи љубовта кон готвењето не само што не исчезнала туку станала уште посилна додека ги гледал готвачите во кујната како приготвуваат јадења а тој постојано се распрашувал како се прават, се запишал и завршил и училиште за готвење, а потоа и факултет за хотелски менаџмент и туризам.
„Прво бев директор на детското одморалиште на Црвен крст од Белград во Боговаџа и работев во ресторанот „Бахус“ како менаџер и готвач, а потоа уште во два ресторани, сѐ додека еден мој колега не ме покани да му бидам помошник во ресторан во Будимпешта. Останав таму две години и понатаму учев и впивав знаење. Од Будимпешта заминав во Москва, во Русија, кадешто готвев за многу странски и домашни дипломати. Потоа, бев шеф на кујна во ресторанот „Викторија“ во Чељабинска, на Урал и тука почнав да се занимавам со консалтинг. Моментално сум директор на ресторанот „Томи“ во Белград, кој го отворив за сопственикот пред 11 години, а минатата година ме замоли да дојдам и еве веќе две години сум таму како директор, после 10 години патешествија низ светот“, раскажува овој српски шеф кој судел на преку сто шампионати, а повеќе пати бил наградуван и прогласуван за менаџер на годината.
Во текот на долгогодишната кариера, тој ги преплетува кулинарските уметности со искуството што го издигнало на позицијата советник во главните градови на Југоисточна Европа. Зад него се повеќе од 50 синџири ресторани, пицерии и клубови, чии посетители биле и претседателите на земјите каде што го остварил својот сон. Создал голем број пријатели, а неговите ученици на кои низ годините несебично им го предава своето знаење, денес се менаџери и готвачи, нешто што го смета за најголем успех на еден човек.
„Јас мислам дека готвачите се луѓе кои добиваат божји благослов и она што тие можат да го направат знае да биде вистински мелем за душа. Оваа дарба, според мене, е нешто посебно, но успешен е само оној кој ќе успее да им го пренесе на помладите генерации своето богатство од техники и рецептури, оној кој ќе го пренесува знаењето од колено на колено“, вели тој.
Иако никогаш не му е тешко да влезе во кујна, напротив, вели дека неговиот живот е токму кујната и таму се чувствува најдобри и дури и кога е најуморен, мора да помине таму барем пет минути во денот, сега, вели, готви само за потесни кругови и за семејството, а повеќе се занимава со едукација.
Сѐ уште не може да ја прежали својата сопруга чија поддршка во текот на градењето на кариерата му била непроценлива.
„Кога се оженив со сопругата која беше од Сплит, а корените ѝ беа од Босна, таа ми рече: или јас или ти во кујна, не може двајцата. Ѝ ја препуштив домашната кујна, а таа беше извонредна готвачка и многу работи научив и од неа. Нејзината поддршка ми беше непроценлива и љубовта кон неа ме држи и ден денес, иако таа одамна почина. Ја имам нашата прекрасна ќерка, имам зет и внука и љубовта кон гастрономијата ја усмерив кон нив, но можете да замислите какво разочарување е за еден ваков гурман и гастроном како мене тоа што се тие вегани и за нив можам да готвам само вегански рецепти“, се смее шеф Џорџе.
Сепак, ова не го спречува тој да ужива во храната и во сите оние вкусни јадења што ги обожава, особено кога е тука, во Македонија.
„Македонија ја обожавам, македонската песна, македонската храна, едно без друго не може исто како и македонското вино и луѓето. После сѐ, откако останав сам, благодарение на Адријана (Алачки) и на колегите готвачи, повторно се преродив токму тука, во Македонија, кадешто првпат после толку години и заиграв и запеав. Македонија има чудна енергија која може да ти ги разбие емоциите и да те подигне од дното. Ја сакам Македонија и најмногу ја сакам македонската кујна, буквално сѐ, од сарма, гравче, ајвар, пита, Т’га за југ. Додека со децата сум на веганска диета, овде се опуштам, па еве и сега со душа чекам да ни донесат араванија, тулумби, или баклава“, завршува нашиот соговорник пред да им се придружи повторно на своите колеги на богатата македонска трпеза.