Храната на сплитскиот Гастроадвент, дело на Дејан Карапеев: Македонскиот шеф ги спои далматинскиот рогач и ајварот, нивните фритули и нашето гравче (ВИДЕО)

Фото: Фејсбук
819

Сплитскиот гастроадвент, кој 14-та година по ред го организира познатата сплитска нутриционистка и диететичарка Оља Мартиниќ, а годинава бил посветен на рогачот, автохтона медитеранска намирница, e особено интересен за нас. Зошто? Затоа што домаќин на истиот бил сплитскиот ресторан Лаф, чиј косопственик е македонскиот шеф со сплитска адреса, Дејан Карапеев, кој освен специјалитети со рогач, направил и гравче-тавче.

Годинава, свеченоста по повод првата адвентска недела, Гастроадвентот во Сплит, освен што го слави големото враќање на рогачот на празничната трпеза, интересно за нас е тоа што домаќин на истата бил сплитскиот ресторан Лаф, чиј косопственик е македонскиот шеф со сплитска адреса, Дејан Карапеев.

Имено, Дејан, во Диоклецијановата палата во Сплит е веќе ко-сопственик на Коноба Корта која работи од месец март до ноември, а во март годинава, заедно со Корчуланката Јозица Ботица, отворил уште еден ресторан кој ќе работи преку целата година. Да, станува збор токму за ресторанот Лаф.

Инаку, Гастроадвентот во Сплит, веќе 14-та година по ред го организира познатата сплитска нутриционистка Оља Мартиниќ. Таа е авторка на бројни проекти насочени кон промоција на здрава, медитеранска исхрана, а токму поради промоцијата на овие вредности, ја започнала оваа традиција во која новинарите ја палат Адвентската свеќа и ја шират веста за медитеранската кујна, која и од УНЕСКО беше внесена во својата листа на нематеријално наследство. Така и за оваа церемонија на првата адвентска недела биле задолжени новинарите од печатените медиуми во Хрватска, кои ја запалиле првата адвентска свеќа.

Нашиот Карапеев пак, на љубителите на здравата храна им претставил бројни специјалитети од рогач и тоа не од каков било рогач, туку рогач стар 240 години, од дворот на Јожица Ботица во Корчула.

Тој дизајнирал богата гастро-адвент маса која била спој на македонската и на далматинската кујна.

„Подготвивме десетина видови јадења од рогач, кои ги усогласивме со некои наши македонски специјалитети. На пример, ставивме домашен ајвар на лепче од рогач, а тука беше и незаменливиот македонски специјалитет гравче-тавче“, вели Карепеев.

Рогачот кој има природна сладост, често го нарекуваат замена за чоколадо, па затоа тој бил одлична состојка и во сите десерти. На менито се нашол колач со рогач и слатко од портокал и далматинските крофнички (фритули), но рогачот одлично се вклопил и во сите солени јадења што ги презентирал нашиот Карепеев: њоки од рогач, солени палачинки или проја од рогач со сирење и праз.

За да ги надополни вкусовите од оваа далматинско-македонска кујна, Карепеев ги поканил и своите сонародници од македонското културно друштво Македонија, кои ја испеале охридската химна „Билјана платно белеше“.

Во следните денови ќе ви пренесеме и неколку од рецептите кои за овој настан ги приготвил Дејан Карепеев.

Инаку, македонскиот шеф е познат во регионот и по емисиите на Kitchen TV.