Најстариот сѐ уште активен македонски ресторан вон границите на државата, „Вардар“ на Петре и Лорета Стојановски од Велика Британија, денеска слави 45 години постоење.
Најстариот сѐ уште активен македонски ресторан вон границите на Македонија, ресторанот „Вардар“ на Петре и Лорета Стојановски слави 45 години од своето постоење и непрекината работа во Велика Британија.
„Денешниот свет е опседнат со храна и брз начин на живеење. Нови ресторани и концепти се отвораат преку ноќ и се затвораат многу брзо по нивното отворање.
Статистиката ни дава податоци дека 60 отсто од рестораните не ја преживуваат првата година, додека пак, 80 насто не успеваат да опстојат подолго од пет години.
Македонскиот ресторан ‘Вардар’ во гратчето Литлхемптон, Сасекс, Англија, им пркоси на овие статистики и опстојува цели 45 години, во средина во којашто никој не разбира што значи ова ‘чудно’ име кое тешко може да се прочита, а уште потешко и да се изговори“, се наведува во соопштението.
Сопствениците на ресторанот „Вардар“ имаат едноставен одговор за тајната на нивниот семеен бизнис: „Посветеност и љубов кон професијата, искреност и подготвеност да се исполнат желбите на гостите и квалитетна храна – е девизата од која никогаш не треба да се отстапува и треба да биде мото за секој кој одлучил професионално да се занимава со гастрономија.“
Гостилницата почнала со работа на 19 јуни, далечната 1979 година, со цел претставување на македонската традиционална кујна.
Тимот на „Вардар“ го сочинуваат: Горан Митески, Тина Карафилоска, Лорета и Петре Стојановски.
Мајстор Петре, познат и како „македонскиот Пол Бокуз“ вели дека ресторанот е место на гости од три поколенија од Литлхамптон и соседните градови Вортинг, Чичестер и Арундел, а гости доаѓаат и од Брајтон и Лондон.
Пред две години, сопствениците на „Вардар“ добија и благодарница од нашата Амбасада, а по тој повод се одржала и свеченост во Градската куќа во Литлхамптон.
Благодарницата за Лорета и Петре Стојановски се должи на нивните постојани напори за унапредување на пријателството, партнерството и блиската соработка, како и промоција на македонската култура во Обединетото Кралство.
Македонската заедница, во овој град во Сасекс, постои повеќе од 50 години, а Петре е еден од првите Македонци кој пристигнал во Англија во 1969 година и подоцна, засновал семејство со Лорета во Литлхамптон.