Зошто на некои производи пишува дека може да содржат траги од млеко?

Фото: Pixabay
130

Во објектите каде што се произведува храна, дури и кога млекото не е состојка, постои можност за вкрстена контаминација.


Не постои совршен синџир од полињата и фармите до нашите трпези.

Поради ова, производителите се заштитуваат со вакви предупредувања, но го штитат и нашето здравје.
Накратко, одговорот на прашањето од насловот е: за да се заштити здравјето на луѓето кои се алергични на млеко.

Оваа ознака се наоѓа на многу прехранбени производи поради сложениот процес на производство.

Во објектите каде што се произведува храна, дури и кога млекото не е состојка, постои можност за вкрстена контаминација.

Ова се случува кога истите машини и опрема се користат за обработка на различни производи, вклучително и оние што содржат млеко.

Иако машините се темелно исчистени помеѓу сериите, не постои апсолутна гаранција дека сите траги од млеко ќе бидат целосно отстранети.

Иста фабрика за млечни и за горчливи чоколади без млеко

На пример, во фабрика за чоколади, во исти капацитети се произведуваат млечни, но и горчливи чоколади без млеко.

Би било илузорно да се очекува дека ќе се издвои посебен објект кој ќе произведува само горчливо чоколадо без млеко, бидејќи нема толку голема побарувачка за овој претпоставен бренд на горчливо чоколадо, што би ја покривало оптималната искористеност на машините.

Од друга страна, млекото е еден од осумте најчести алергени, а дури и мали количини може да предизвикаат сериозни алергиски реакции кај многу чувствителни луѓе.

Етикетите кои предупредуваат за присуство на траги од млеко претставуваат мерка за заштита на потрошувачите преку донесување информирани одлуки и ја отстрануваат одговорноста од производителот.

Истото важи и за јајцата, рибата, школките, јаткастите плодови, кикиритките, пченицата и сојата и некои други алергени.

Долг е патот до трпезата

Вкрстена контаминација може да се случи и надвор од фабриката на различни нивоа од синџирот на производство.

Состојките потекнуваат од различни фарми, минуваат низ бројни производствени капацитети, а при тоа патување можностите за контаминација се многубројни.

Производните линии често обработуваат повеќе видови производи, со што се зголемуваат шансите за пренесување на алергени како што е млекото.

Затоа производителите ги следат добрите производствени практики кои содржат и регулативи за заштита од алергени.

Овие мерки вклучуваат темелно чистење на опремата, ротирачки производни линии според распоредот на алергени и редовно тестирање на сериите на производи.

Сепак, и покрај овие мерки, целосното елиминирање на трагите од алергените е технички речиси невозможно.

Компаниите применуваат строги протоколи за да ги задржат нивоата на алергени под безбедните граници, обично под 20 ppm (делови на милион), а во некои случаи и под 10 или 5 ppm.

Сепак, постигнувањето нулта ниво (0 ppm) е практично неостварливо поради ограничувањата на тестовите и сложеноста на производниот процес. И затоа ги имаме овие предупредувања на пакувањето на различни производи.