Златни медали и најдобар млад шеф на кујна: Голем успех на гевгелиските средношколци на меѓународен натпревар по гастрономија

Фото: СОУ Јосиф Јосифовски Гевгелија
88

На меѓународната манифестација Black sea fish festival, на која Романците ја слават одржливата рибна гастрономија, ученичките Елена Тасевска и Сара Андонова од СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија се здобија со златни медали, а Елена ја доби и титулата „Најдобар млад шеф на кујна“.

На меѓународниот натпревар „Black sea fish festival“ – рибен фестивал и гастрономски натпревар кој се одржа од 13 до 15 септември 2024 година во туристичкиот ресорт Мамаиа, близу градот Костанца, во Романија, учениците од секторот Угостителство и туризам од СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија постигнаа одличен разултат.

На фестивалот учествуваа повеќе земји со презентации на своите национални кујни, како и приготвување на морска риба во индивидуална категорија на натпреварувачите од 15 до 25 години.

Во конкуренција од околу 90 натпреварувачи од Македонија, Романија, Србија, Турција и Словачка нашите ученички, Елена Тасевска и Сара Андонова под менторство на професорката Марина Калкова освоија златни медали, при што, Елена Тасевска беше прогласена и за севкупен победник на манифестацијата „Black sea fish festival“ стекнувајќи се со титулата „The best junior chef“, пишува на страницата на училиштето.

Сите учесници од тимот ученици од секторот Угостителство и туризам од СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија се стекнале со дипломи за учество.