Изненадувачки вкусна веганска торта

70

Нашата млада читателка, скопјанката Јана, чијшто роденден е за време на Божиќните пости, низ годините постојано имала роденденски посни торти кои ѝ ги правела мајка ѝ, но сега и самата е веќе експерт и ги прави највкусните посни торти и колачи

Јана Русевска е млада уметница од Скопје која отсекогаш сакала вкусни слатки десерти.

Со оглед на тоа што во нејзиното семејство од секогаш се постело за време на црковните пости, а нејзиниот роденден е токму во периодот на Божиќните пости, прво тортите ѝ ги правела нејзината мајка, а потоа, со време и самата таа, експериментирала и научила да прави најразлични вкусни посни торти и колачи.

Нејзиниот најнов рецепт за роденденската торта од фотографијата е подолу:

Состојки за кората:

1 чаша млеко од бадем

1 супена лажица јаболков оцет

2 чаши брашно

1 чаша шеќер

3/4 чаша какао

2 мали лажички прашок за пециво

1 лажичка сода

1 лажичка сол

1/2 чаша зејтин

2/3 чаша applesauce (сварете едно јаболко со малку вода додека да омекне и потоа испасирајте го со вилушка, а ако немате јаболка, позајмете од тетка ви)

1 чаша завриена вода

Приготвување:

Ставете ги на страна оцетот и млекото од бадем додека да се измешаат сите суви состојки.

Потоа се ставаат млекото со оцет во јаболкото што е веќе сварено и испасирано и се заедно се става во смесата од суви состојки и се мати со миксер.

Кога ќе биде се соединето, се дотура вода малце по малце (не мора цела вода да се искористи) и се мати пак со миксер.

Се става во два плеха (две округли тави од 23 цм) или ако немате, ставете ја смесата во еден поголем плех и после ќе ја исечете печената кора на пола).

Се пече 30-35 мин на 170 степени.

За филот се потребни:

3/4 млеко од кокос (од конзерва бидејќи е тоа малку погусто)

3 супени лажици масло од кокос

200 г темно чоколадо

Приготвување:

Се ставаат млекото и маслото на рингла да се згреат до пред зовривање.

После се става чоколадото и се остава 1-2 мин да омекне. Се меша додека не се растопи цело.

Кога ќе се растопи се става во замрзнувач на околу 20-30 минути и потоа се мати со миксер 5-7 минути за да се направи како пена (За да може убаво да се размачка, филувајте ја тортата веднаш).

Се филува тортата, па се преклопува со другата половина од кората и повторно се филува.

Украсете по желба.