Да, да, на прославата на Денот на Мајката земја (Тера Мадре) во Скопје, во организација на Слоу фуд Водно, имаше и лотарија.
На денот на Мајката Земја (Тера Мадре) на 10 декември, на прославата во организација на Слоу фуд Водно во Скопје, меѓудругото, имаше и лотарија.
Ќе погодите…Во лотаријата учествуваат производите на малите производители-членови на Слоу фуд Водно. А кога не сте меѓу производителите туку само ќе придонесете со малку домашна храна која ќе ја споделите со останатите, сепак учествувате во лотаријата и што и да добиете, еднакво ќе се радувате.
Ама кога ќе добиете ваков празничен куглоф, е тогаш сепак ќе се радувате малку повеќе и малку подолго. Особено ако првпат ви се случува да добиете на лото! Пардон, на лотарија.
Прво ќе го покажувате неколку денови и конечно, кога ќе ви текне дека ако почекате уште малку може и да се расипе (затоа што во него нема никакви конзерванси и се е направено во домашни услови), свечено го отварате и го пробувате.
Знаете, овие куглофи кои ги изработува Марина Ангелеска, помладата од дуото М&M, се прават со различни состојки и можете да си ги изберете или нарачате по свој вкус. Ако сакате повеќе овошни вкусови, вкусови на јаткасти плодови или вакви, со аромата на празниците, Марина умее да направи вистински мали волшепства.
„Правењето на куглофи бара многу труд, тоа е производ кој не трпи да стои долго, (ние им даваме рок од 7 дена), па мора да се прават во еден ден. Затоа ги правиме со здружени сили со сопругот кој ми помага и во пакувањето. Тоа е исто така дел од работата која зема доста време затоа што се трудиме нашите слатки деликатеси да бидат не само вкусни, туку и впечатливи и убави и за око“, вели Марина.
Таа е дел од онаа романтична приказна за снаа и за свекрва, која можете да ја прочитате ТУКА. Имено, Марина има афинитети кон дизајнот, па освен украсите што ги изработува за поголемите празници како Велигден и Нова година, се вклучила поактивно и во работата на свекорот и свекрвата (Мирјана и Бранко), кои во пензионерските денови почнале активно да се занимаваат со производство на мармалади, а особено се познати по својот превкусен мармалад од шипка.
„Почнав да се дружам повеќе со свекрвата и свекорот околу правењето на мармаладите, но не во процесот на правење на нивните производи, туку во пакувањето и декорацијата.
Дојдовме до идејата да направиме поексклузивно пакување и ги направивме и првите кутии со по 4 теглички мармалад, како и декоративните гајбички кои се сега најмногу барани за детските родендени. За новогодишните празници ги спакувавме во лампиони, а неодамна имавме и нарачка од невеста, да ѝ доставиме теглички со мармалад декорирани за свадба, наместо вообичаените бонбони што се делат на вакви настани“, набројува Марина која од пред две години почна да се појавува со свекорот и свекрвата и на сите поголеми настани на кои се изложуваат и се продаваат производи на мали локални производители на храна, а нивните тезги станаа уште попривлечни, не само поради вкусот, туку и поради изгледот на производите. Тогаш се појавија и слатките куглофи, кои се веќе заштитен знак на Марина и на брендот Ангелески (Angeleski Sweet Delights).
Арт кујна доби на лотарија токму еден сосема нов вид на куглоф направен со мешавина од зачини кои ги добила за подарок од Германија и за првпат ги испробала за овој претпразничен период.
Експлозија од вкусови на познатите и некои помалку познати зимски зачини.