Какво гвакамоле, каков хумус, македонското макало е најдобро на свет

Фото: Unsplash
871

Според TasteAtlas, македонското макало во моментов е најдобриот сос во светот, пред хумус, гвакамоле и ѕаѕики

Нашето традиционално макало со лук, според TasteAtlas, во моментов е најдобриот сос во светот. Најосновниот вид макало се подготвува од лук, топол зејтин, вински оцет, млака вода и сол, кои се ставаат во дрвен сад и убаво се толчат.

Во макалото често се додаваат и суви црвени пиперки, сечкан магдонос, лути пиперчиња, ореви, млеко или јогурт.

Постојат голем број на макала кои може да вклучуваат печени лути пиперки, модар патлиџан, свежи или печени црвени домати или варени компири. Макало може да се послужи како сос или како предјадење, во зависност од состојките што се користат, а најчесто се јаде со многу леб и сирење и е одличен додаток на месото на скара.

Во продолжение ви го пренесуваме рецептот за ова наше макало кое можете да го јадете како намаз на леб, со скара, како сос – како сакате.

Потребни состојки
Состојките можете да ги прилагодите по ваш вкус бидејќи, како што споменавме погоре, сè може да влезе во макалото, но за основниот рецепт ќе ви требаат:

лук
масло
оцет
вода
лути печени пиперки
сол
магдонос.
Како да го направите?
Прво исчистете го и измијте го лукот, а потоа ставете го во дрвен сад за толчење.

Можете да го ставите и во блендер, но сосот ќе биде повкусен ако го изгмечите рачно во дрвен сад. Посолете го лукот (прилагодете ја количината според вашиот вкус) и пасирајте го додека не добиете мазна смеса слична на мајонез.

Додадете масло во лукот и мешајте додека сè не се изедначи. Постепено додавајте оцет и измешајте, па додајте млака вода и повторно добро измешајте. На крајот додадете лути пиперки и ситно сечканиот магдонос (по желба), измешајте и послужете со леб.

Според TasteAtlas, македонското макало во моментов е најдобриот сос во светот. На второ место е либанскиот мутабал, на трето мексиканското гвакамоле, потоа следува хумусот, а на петто место е грчкото ѕаѕики.