Апстиненција од шеќер: После 3 дена јаболкото ќе ви биде слатко како тулумба

Фото: Freepik
79

Целта на едномесечната апстиненција од шеќер е да се добие контрола врз внесувањето на штетни намирници. Не значи дека никогаш повеќе не треба да изедете сладолед, парче торта, па дури и тулумба или баклава. Само не е лошо да видите како ќе се чувствувате ако барем на 1 месец се откажете од сите слатки задоволства

Научно е докажано дека шеќерот е главниот виновник за дебелината, дека е еден од водечките причини за срцеви заболувања, дека има негативен ефект врз кожата и доведува до предвремено стареење.

Има уште лоши вести: за некои е многу тешко, па и невозможно да се запре со консумирањето шеќер. Луѓето на крајот развиваат зависност од шеќер во вистинска смисла на зборот.

Ние трошиме шеќер, тоа ни дава чувство на благосостојба, нè крева, а потоа и расположенијата и нивото на енергија паѓаат, па посегаме по сѐ повеќе … и повеќе … и повеќе.

Тоа е шема која е присутна во секоја форма на зависност, вклучувајќи ја и зависноста од шеќер. Уште полошо, истражувањата покажаа дека шеќерот предизвикува копнеж и на центрите за задоволство во мозокот, тој делува како награда и тоа на сличен начин и во ист обем како што се случува и со зависноста од дрога.

Она што особено загрижува е количината на додаден шеќер присутен во нашата исхрана, кој е најчесто скриен во намирниците.

На пример, сите знаеме дека сладоледот или тортата содржат многу шеќер, но голем број намирници кои дури и немаат сладок вкус, како што се преливите за салата, сосот од домати или лебот и печивата, се богати со шеќер.

Честопати не ни е ниту на крај од памет дека некоја, на прв поглед, здрава храна е всушност полна со шеќер, па не е ни чудо што потсвесно консумираме шеќер од утро до вечер.

Што носи шеќерниот детокс?

Има и добри вести: дури и ако не сте зависник од шеќер, со елиминирањето на шеќерот од вашата исхрана може брзо да ослабнете, да се чувствувате подобро (и смирено бидејќи шеќерот поттикнува агресија) и да изгледате посвежо и поблескаво.

Нема никој што нема да се чувствува добро откако ќе ги исфрли од исхраната додадените шеќери. Ќе ги почувствуваат дури и малите деца.

Истражувањето кое професорот на Педијатрија, Роберт Лустиг го спровел на Универзитетот во Калифорнија покажало дека кога дебелите деца ги исфрлиле додадените шеќери од нивната исхрана само на девет дена, имало подобрување во секој аспект на нивното метаболичко здравје. Дури и ако немало промени во телесната тежина или вкупниот број на внесени калории.

Не малку по малку туку дефинитивно збогум на шеќерот веднаш!

Најдобар пристап, барем на почетокот, е да се запре внесот на шеќер веднаш и целосно, бидејќи ништо помалку од тоа нема да биде ефикасно.

Ако му кажете на некој кој е навистина зависник од шеќер да се обиде со намалување на внесувањето на шеќер и консумирање на шеќер само во умерени количини, нема да постигнете ништо.

Зборот „умерен“ е тотално несоодветен за зависностите.

Како може да му кажете на некој што се бори со зависност да јаде малку помалку, да пуши само малку помалку и слично? Можете ли да советувате хардкор алкохоличар да пие само две пива или само две чаши вино?

Она што се покажа како ефикасно, според авторот на книгата Sugar Detox, е нагло и целосно да се запре внесот на шеќер. Никој не беше воодушевен од оваа идеја, но позитивните ефекти беа толку многубројни и зачудувачки што решија да истраат во она што на почетокот изгледаше како невозможна мисија.

Покрај тоа, по само неколку дена, оние кои го испробале овој детокс, конечно биле во можност да ги вкусат природните шеќери во овошјето, зеленчукот и млечните производи.

Затоа, за првите три дена од детоксот се препорачува целосна апстиненција од додадени шеќери, но исто така и од овошје, зеленчук богат со скроб (како грашок, пченка, компири или батернат тиква), млечни производи, житарки и алкохол.

Првите три дена, ќе јадете само протеини, зеленчук без скроб и здрави масти.

Еве го планот:

Појадокот може да бидат три јајца подготвени на кој било начин, ручек – од 15 до 20 дкг пилешко месо, риба или тофу и зелена салата, а вечерата треба да биде малку пообилна варијанта од ручекот, со замена на салатата со брокула, спанаќ или кељ зготвени на пареа. За ужинка, можете да земете 3 дкг ореви или лешници и пиперка исечена на лентички со хумус, додека од пијалаците во текот на денот се дозволени вода, незасладен чај и црно кафе.

Првата недела

По првите три дена детоксикација, можете да ставите едно јаболко во исхраната.

Четвртиот ден од вашата диета тоа ќе ви изгледа слатко како бонбона.

Исто така, ќе забележите и дека кромидот е всушност сладок, бадемите се слатки и така натаму. Кога за кратко време целосно ќе го отстраните додадениот шеќер од менито, вашето непце ќе се врати во нормала и повторно ќе можете да ги чувствувате природните шеќери.

Од четвртиот ден натаму, можете секој следен ден да додавате по едно јаболко и неколку млечни производи (производите како јогурт или сирење треба да бидат од полномасно млеко и незасладени).

Мастите, влакната и протеините ја забавуваат апсорпцијата на шеќер, такашто консумирањето млечни производи лишени од маснотии би резултирало со побрза апсорпција на шеќер.

Можете исто така да додадете малку зеленчук богат со шеќер, како моркови и грашок и дневна порција крекери богати со растителни влакна. Можете да додадете и три чаши црвено вино во првата недела.

Втората недела

Оваа недела, можете да додадете порција шумско овошје богато со антиоксиданти и уште една порција млечни производи. Можете да воведете зеленчук богат со јаглени хидрати (како цвекло и магдонос).

Третата недела

Во третата недела, можете да додадете житарки, како што се киноа, овес или јачмен, па дури и овошје, како што се грозје и клементини. Можете исто така да додадете уште една чаша вино во текот на неделата и 3 дкг темно чоколадо секој ден.

Четвртата недела

Оваа недела, можете да уживате дури во две скробни намирници дневно, како што се лебот и оризот, како и крекерите богати со растителни влакна.

Можете да ја зголемите количината на вино на пет чаши неделно.

Четвртата недела е всушност недела на одржување, иако се дозволени повремени исклучоци, како што е еден сладолед или парче роденденска торта.

Зависничкиот образец на однесување треба да е напуштен досега па сладолед еднаш или двапати неделно не треба да доведе до враќање на старите навики.

По 31-от ден на диетата, дозволени се сите видови овошја. Целта е да се добие контрола врз внесувањето на штетни намирници.