Доколку сте љубители на кокос и брзи колачи, особено оние без печење, тогаш рецептот за овој десерт едноставно ќе ве воодушеви, бидејќи за да го направите не ви треба ни миксер!
Состојките за овој лесен и брз колач се многу достапни и нема да морате да потрошите цело богатство на нив, а за само неколку минути ќе имате торта достојна дури и за десерт после неделен ручек.
Во продолжение ви го пренесуваме рецептот.
Кокос коцки со чоколадо:
Состојки за основата:
300 гр мелени бисквити
200 гр чоколадо за готвење
100 мл млеко
За кремот:
700 мл млеко
100 гр шеќер
120 гр гриз
200 гр кокосово брашно
За глазурата:
100 гр чоколадо за готвење
100 мл павлака
1 лажица масло
Подготовка:
За основата издробете ги одбраните бисквити. Можете да ги исецкате во блендер или со сукало. Ставете ги во сад.
Чоколадото за готвење искршете го во мало тенџере, истурете го млекото и ставете го на тивок оган додека да се растопи.
Веднаш прелијте го чоколадото врз раздробените бисквити и мешајте додека состојките убаво не се соединат.
Обложете со хартија за печење плех со димензии 30 x 20 цм и премачкајте ја добиената смеса. Измазнете со шпатула или со лажица.
За филот, ставете ги во тенџере млекото, шеќерот и гризот, измешајте убаво и ставете да зовријат на тивок оган. Кога гризот ќе се свари и смесата ќе стане густа, додадете го уште додека е врело и кокосовото брашно и убаво измешајте. Добиениот фил распоредете го врз основата и рамномерно измазнете го.
За глазурата во тенџере на тивок оган растопете ја чоколадата, шлагот и лажица масло. Кога чоколадото ќе се растопи, прелијте го колачот со глазурата, добро протресете да ја покрие целата површина на филот и оставете да се излади во фрижидер околу 2 часа. Се сече на коцки.