Две чаши дневно ги намалуваат грчевите и дијареата
Овој овошен напиток може да ги ублажи непријатните симптоми на болестите на цревата, тврдат експертите
Концентриран облик на сок од вишни би можел да помогне во ублажување на симптомите на болестите на цревата, покажало новото истражување. Научниците откриле дека само две чаши дневно сок од вишни од сортата Montmorency може значително да ги намали стомачните грчеви и дијареата кај луѓето кои страдаат од улцерозен колитис. Научниците од два универзитети, Hertfordshire и Central Lancashire, им давале на пациентите да пијат шест недели концентриран сок од вишни, заедно со стандардна терапија за воспалителна болест на цревата.
Пациентите кои биле вклучени во студијата имале 9 проценти подобрување во квалитетот на нивниот живот поврзан со здравјето додека го пиеле тој додаток. Исто така, било забележано дека пациентите доживеале намалување на цревните улцерации за 40 проценти. Експертите велат дека овој напиток би можел да биде од голема корист за пациентите кои боледуваат од оваа болест, но предупредуваат дека може да биде исклучително скап. Имено, едно шише сок од вишни Montmorency, кое содржи дводневна доза, чини околу 14 фунти (во Хрватска е 32 евра, а кај нас веројатно и го немаме).
Одлична помош во комбинација со лекови
Во Европа, преваленцата на улцеративен колитис се движи од 2,4 до 294 пациенти на 100.000 луѓе. Се смета дека оваа хронична болест се развива кога имунолошкиот систем почнува да ги напаѓа цревата. Постојат голем број на ефективни лекови кои можат да ги задржат симптомите под контрола, но болеста не може да се излечи.
„Иако сокот од вишни не може да го замени лекот, нашето откритие дава надеж дека може да се користи заедно со фармаколошката терапија за да се подобри квалитетот на животот, да се намалат симптомите, а можеби дури и да се одложи потребата за идна интензивна медицинска нега или операција“, изјавил за Дејли Меил коавторката на спомената студија, професор Линдзи Ботомс.