Велигденски јајца: Ги боиме со вино, овошни сокови, кафе, салфетки…

Фото: Freepik
348

Секоја година, традиционално ги бојадисуваме велигденските јајца на најразлични начини и таман ќе помислиме дека сме виделе сѐ, ќе се појави некој нов. Има навистина многу креативни луѓе кои смислуваат едноставни и природни начини на боење кои имаат и одличен ефект.

Велигден е секако еден од омилените празници на многумина и заради убавото време, богатите трпези и обичаите што го сплотуваат семејството во домот, а секако и поради разнобојните јајца. Бојадисувањето на јајцата  е една од најпознатите велигденски традиции ширум светот.

Секоја година, ширум светот традиционално се бојадисуваат велигденските јајца на најразлични начини и таман ќе помислиме дека сме виделе сѐ, ќе се појави некој нов. За среќа, има многу креативни луѓе кои како и ние не сакаат да трошат премногу пари и време на вештачките светки, глазури и слично, па смислуваат поедноставни, но и природни начини на бојадисување кои имаат и одличен ефект.

Еве некои од повпечатливите.

Боење со помош на салфетки (декупаж техника)

Украсете ги велигденските јајца со помош на најубавите салфети што можете да ги најдете во продавниците или прошетајте се на кафе кај неколку пријателки, земете од секоја по 1 салфета и ќе добиете најразновидни велигденски еколошки јајца.

Имено, за овој начин на украсување не ви се потребни ниту лепак ниту боја.

Ви треба една белка, варени јајца, исечоци од најубавите салфети, односно од оние мотиви од салфетите кои сакате да ги пресликате на јајцето и една четкичка. За ова ви е потребен само еден слој од салфетата.

Премачкајте го свареното јајце со белка и залепете го на него она парче од само еден слој од салфетата кадешто се наоѓа мотивот што сакате да го пресликате и полека со четкичката натопена во белка премачкајте го уште еднаш и оставете го да се исуши.

На крајот, премачкајте ги јајцата со масло.

Боење јајца со црвено вино

Помеѓу најразличните варијанти за бојадисување на јајца кои секоја година се објвавуваат и преобјавуваат еве и нешто многу, многу едноставно.

Бојадисувањето на јајцата со црвено вино е наједноставниот процес, а резултатот што ќе го добиете е навистина совршен. Сè што треба да направите е да ги сварите јајцата во црвено вино. Кога ќе се сварат, тргнете го садот од оган и оставете ги да отстојат преку ноќ во виното.

Следниот ден, извадете ги јајцата од виното, измијте и сервирајте ги. Поради темната боја на овој пијалак, јајцата ќе добијат темно виолетова боја, а поради ослободувањето на шеќер и кристали од виното, тие сами по себе ќе имаат прекрасни светки кои најдобро се гледаат на дневна светлина.

Едноставно и ефектно, нели?

Боење со овошни сокови

Да, добро прочитавте, јајцата можат да бидат обоени во природни овошни сокови. Еве каква боја можете да добиете:

Розова боја – варете ги јајцата во сок од цвекло и боровинки

Црвена боја – варете ги во сок од вишна заедно со вишните од конзерва.

Тиркизна боја – варете ги јајцата со виолетова зелка

Боење јајца со куркума

Ако ви здодеат црвените нијанси и сакате да додадете весели бои во вашата велигденска корпа, тогаш овој метод е идеален за вас. Сè што треба да направите е да ги ставите jајцата да се варат, а потоа во водата додадете седум лажици куркума или шафран, како и две лажици бел оцет.

По готвењето, оставете ги јајцата да лежат во таа вода неколку часа, или преку ноќ. Јајцата ќе станат светло жолти, иако не сте користеле вештачки бои.

Боење јајца со кафе

Бојадисувањето на јајца во кафеава боја никогаш не било полесно. Сè што ви треба се две лажици мелено кафе, едно ѓезве сварено кафе и малку бел оцет. Ставете ги јајцата во оваа мешавина и варете додека не се добие убава кафеава нијанса.

Ако сте од оние кои сакаат разнобојни јајца во својата велигденска корпа, еве неколку начини како да ги украсите на креативен начин. Овој дел особено ќе им се допадне на децата, така што ќе можете да ги вклучите во украсувањето.

Јајца со иницијали

Овој начин на украсување на јајцата може да биде интересен за означување на местата за седење на вашата велигденска трпеза. Залепете буква на јајцето и потоа бојадисајте го со бојата што ја сакате, или едноставно испрскајте го со спреј во саканата боја.

Диско јајца

Едноставно натопете го јајцето во лепак, а потоа во светки во вашите омилени бои и ќе имате интересни светкави јајца.

Интересно, зарем не?