Брзо и лесно: Погачици со јогурт

38

Овие погачици се од тие што се прават толку брзо што не ви се исплати да одите во продавница кога ќе ви снема леб

Сме ги испробале во најразлични варијанти на брашна и семки, но се додека во основата е јогуртот, секогаш се подеднакво вкусни, меки и одлични наместо леб.

Потребни ви се следните состојки:
250 мл јогурт
1 прашок за пециво
100 мл ладно цедено сончогледово масло (секако, може и друго, но освен маслиновото, ова е најдобрата варијанта)
500 г брашно (направете си своја мешавина и експериментирајте со различни видови брашно. Овие се мешавина од бело и интегрално)
1 лажичка сол

За премачкување:
1 јајце
1 лажица јогурт
сусам, црно семе

Приготвување:

Измешајте ги состојките во една чинија. Не треба да месите, само измешајте ги со дрвена лажица.

Тестото е меко и може да се лепи, па ако е премногу течно, додадете уште брашно. Но ако ги намрсите рацете ќе можете подобро да ги обликувате.

Ставете брашно на подлогата и истурете го тестото, па обликувајте го во едно поголемо топче кое ќе го поделите на осум помали или на 4 поголеми.

Ако се помали, ќе се испечат побрзо.

Обликувајте ги со рацете во топчиња и сплескајте ги со дланката па ставете ги врз хартија за печење.

Премачкајте ги со мешавината од јајце и јогурт и поросете семки.

Се печат на 180 степени околу 15-20 минути.