Најлесно е нешто да се фрли, но има многу начини на кои можете да ги искористите намирниците на кои им истекол рокот на траење. Па дури и од расипаното млеко кое повеќе не е за пиење, можете да си направите сирење
Веројатно барем еднаш сте се запрашале дали производот што сте го нашле скриен во фрижидерот или плакарот е расипан. И покрај означениот рок на траење, одредени намирници можете да консумирате доста долго време по истекот на тој датум, се разбира, ако сте ги чувале правилно.
Млечни производи – 1 до 2 недели
Законскиот рок на траење за млекото и млечните производи варира од земја до земја. Така, рокот на траење на увезеното млеко може да се разликува до една или две недели од друга земја. Од вас зависи дали рокот на траење навистина е истечен, а тоа можете да го направите такашто, едноставно ќе го мириснете млекото.
Дури и ако мирисот не е добар и млекото не можете да го консумирате како напиток, можете да го сварите и кога ќе се издвои течноста, а тоа ќе се згрутчи, можете да си направите сирење.
Испробано е и со додавање на малку сол или дури и некои други зачини по свој избор, може да се направи вистински деликатес.
Други млечни производи, како што е јогуртот, можат да се јадат дури и до два месеци по истекот на рокот на траење. Секако, тука повторно вие одлучувате дали ви изгледа јадливо или не. Ако забележите барем најмала мувла на вашиот јогурт, фрлете го.
За свежите сирења, најсигурен тест е исто така, мирисот; во случај на мувла, треба веднаш да се фрли, но за тврди сирења, едноставно отсечете ја мувлата и можете да ги јадете без страв.
Јајца – 2 недели
Кога станува збор за јајца, најдобро е да направите тест. Стави јајце во чаша вода, ако плови значи дека е скапано. Ако се наталожило на дното од чашата, безбедно е за консумирање.
Житни култури – 1 година
Неотворената преработена храна, како што се житарките, може да се користи една година по истекот на рокот на траење. Доколку сте ги отвориле, проверете дали во нив има кујнски молци, ларви или нешто слично на пајажина, па ако има, секако фрлете ги, а доколку нема, можете да ги консумирате без страв.
Зачини – 2 години
Циметот, биберот, црвениот пипер и речиси сите зачини ги задржуваат своите својства две години по означениот рок на траење и важно е да се чуваат во тегли на суво и темно место.
Месо – бидете внимателни, не преземајте ризици ако не сте сигурни
Ако не сте сигурни дали месото е јадливо, фрлете го. По истекот на рокот на траење, месото може сè уште да биде безбедно за јадење, но не треба да има непријатен мирис, да биде поцрвено, потемно или лигаво. Замрзнете го месото на кое му е рокот пред истекување и ќе му го „продолжите“ рокот на траење.