Она што го правиме со малите семејни винарии е вистинска револуција и се надеваме дека фелата ќе не слушне и дека ќе разбере дека Станушината и настанот посветен на овој автохтон вид на грозје кое се одгледува само во Македонија и на ниту едно друго место во светот е навистина важно за нашата винска индустрија, вели Јадранка Клариќ Кимовска, сопственичка на Wine Berry, вински експерт и најголем промотор на Станушината
Понекогаш новинарската работа е навистина тешка, особено кога треба да работиш во недела, и тоа, по сопствена волја и по сопствен избор. Како ние од Арт кујна. Ниту некој не тера, ниту мораме да го правиме тоа, но понекогаш навистина не можеме да им одолееме на настаните кои се во нашиот ресор – храна, вино, ем ракија, пиво, фестивали на храна, саеми на вино, разговори со готвачи, со експерти, гастрономи, енолози и мераклии.
Па така беше и овој тежок викенд. Четврта година по ред се одбележа денот на македонската мома, тивка, силна и своја – Станушината. Станува збор за автохтон вид на грозје кое се одгледува само во Македонија и на ниту едно друго место во светот, кој последниве години, не само што успеа повторно да заживее на родното македонско тло, туку и успеа и да се рашири и сега веќе од него прават вино дури 28 македонски винарии.



На 11 мај во Кавадарци по четврти пат се одржа настан по повод Денот на Станушина, единствената автохтона сорта на грозје во Македонија, со долгогодишна традиција во тиквешкиот регион. Настанот кој го организира здружението на „Македонски семејни винарии“, со поддршка од Министерството за земјоделство, како и минатата година, продолжи на 12 мај во Скопје во винскиот бар и продавница за вина – Wine Berry, кадешто љубителите на македонското вино можеа да дегустираат станушини од 28 македонски винарии, но беа избрани и најдобрите четири.
Нашата домаќинка, Јадранка Клариќ Кимовска, сопственичка на Wine Berry, е вински експерт со меѓународно искуство, интернационален вински судија, вински витез и најголем промотор на малите семејни винарии, како и на оваа наша автохтона винска сорта, па не е чудно што е и прв вински амбасадор и почесен член на здружението Македонски семејни винарии.



Токму затоа и вината од македонските семејни винарии сочинуваат голем дел од асортиманот во Wine Berry, a нашата соговорничка постојано ја истакнува нивната автентичност.
„Викендов имаме четврта едиција на Денот на Станушина, нашата автохтона сорта на која, иако беше заборавена и ископачена сорта ѝ се враќаме последниве години и сега веќе имаме многу винарии кои прават нови насади на таа сорта, затоа што пазарот бара нешто што е уникатно и што е печат за државата. Всушност, она што го правиме со малите семејни винарии е вистинска револуција, иако ова го правиме ентузијастички, без никакви дополнителни бенефити, но се надеваме дека фелата ќе не слушне и дека ќе разбере дека е ова навистина важно за нашата винска индустрија“, ни рече Јадранка.
Таа е навистина неуморна во тоа што го прави, а нејзиниот ентузијазам е очигледно, заразен. Како вистинска домаќинка, Јадранка, како и секогаш, постојано се движи меѓу гостите неуморно објаснувајќи и успева да ги заинтересира дури и случајните минувачи. По повод денот на станушината, многу такви случајни минувачи како едноставно да заборавија каде тргнале, остануваа да дегустираат и да слушнат нешто повеќе за тоа од каде доаѓаат сите тие убави станушини во варијации, од бели, розеви, црвени и пенливи вина.

Во Скопје сите видови на станушина од 28 винарии беа и оценети од жирито во кое имаше и тројца специјални гости, инаку, важни имиња од светот на виното: Црногорката Весна Мараш, професор доктор по производство на вино, Германецот Томас Брендл, вински новинар и амбасадор на Concours Mondial de Bruxelles, важно интернационално натпреварување за вино и Словенецот Дејан Лепувчек, сомелиер кој има своја дистрибутивна куќа која работи со македонски вина.
„Оваа година платината ја освои станушината на винаријата „Параџик“ од село Витоша, златото го освои „Момина солза“ од винарија „Попови“, среброто – пенливата станушина на винарија „Кувин“, а бронзата ја доби винаријата „Венец“, ни соопшти Јадранка додавајќи дека се надева дека следното, полујубилејно, петто издание на Денот на Станушината, ќе имаат поголем буџет и ќе можат да направат интернационален настан.
„Затоа што станушината е навистина наше национално богатство, нешто уникатно во нашата винска индустрија“, заврши госпоѓа Јадранка Клариќ Кимовска.