За женцките работи… Нема дегустација како женска винска дегустација

656

Со каква страст Јадранка Клариќ Кимовска, нашата домаќинка во винскиот бар Wine Berry, зборува и ги опишува вкусовите на вината кои ги нуди за дегустација, не ви останува ништо друго освен – да ги пробате сите. Онака, без истурање, до последната капка…

Јадранка Клариќ Кимовска е името на нашата домаќинка на дегустацијата на вина од мали македонски винарии во винското бистро „Wine Berry“ во Скопје.

Татко ѝ е Далматинец, а мајка ѝ скопјанка, од времето кога тогаш младите скопјани се интересирале за Холивуд и ги гледале филмовите со славните холивудски ѕвезди, но им пишувале и писма.

Токму на овој начин, мајката на Јадранка успеала во тоа време да направи вредна колекција од своерачно потпишани фотографии од најголемите холивудски ѕвезди од минатиот век, како Џина Лолобриџида, Елизабет Тејлор, Марлон Брандо, Рок Хадсон, Софија Лорен и многу други, кои сега, врамени и изложени на еден ѕид во „Wine Berry“ му даваат дополнителна вредност и го привлекуваат вниманието на сите кои ќе дојдат на чаша или на шише вино.

Целиот простор во ова бистро кое неодамна прослави две години од своето постоење, оддава една исклучителна женска енергија која едноставно ги заробува сите кои ќе влезат. Е сега, дали е до ентериерот, до љубезната домаќинка и врвен познавач на вино, до виното или до сѐ заедно, не знам, но дефинитивно има нешто што ќе ве задржи подолго отколку што сте планирале.

Инаку, Јадранка има повеќегодишното искуство и работела во две поголеми винарии во Македонија, прво во Стоби, а потоа во Сковин. Била главно, одговорна за извоз и добила можност да се запознае со виното и засекогаш да се вљуби во него, да работи и да се надградува и во еден момент да одлучи да излезе од винариите и да понуди нешто ново и интересно за сите љубители на вино, а тоа е ова нејзино винско бистро недалеку од центарот на градот.

По професија е биоинженер технолог, но животниот пат ја одвел во друга насока и со години работела во продажба.

„Пред 15 години за првпат почнав да работам во винарија. Кога еднаш ќе се споите со виното, нема одвојување, тоа е најубавиот производ. Едукацијата траеше подолг период, првично на едноставни курсеви и интерни дегустации со колегите од винскиот сектор за да се надградам и да станам вински експерт. Се едуцирав на престижната англиска винска школа Wine and Spirit Еducation Trust со завршен 3 степен. Моментално сум на 4 степен, кој е воедно и крајниот степен од регуларната едукација во Руст во Австрија“, раскажува Јадранка.

Во винаријата „Стоби“ работела цели 12 години и на почеток била одговорна за домашниот пазар, а потоа за најголемите извозни пазари (Русија, Кина, Америка, Данска, Јапонија).

„Имав можност навистина доста да патувам службено и со тоа да се надградува моето винско искуство со најновите трендови во индустријата. Искуството што го стекнав тие години направи навистина да го сакам тоа што го работам, но беше и инспирација за мојата сегашна работа. Присуството на многу интеранционални саеми, посета на вински региони, презентации пред странските купувачи, сето тоа придонесе да можам полесно да ги запознаам и да ги разберам винските трендови и тоа што секој пазар го бара. Тоа ми овозможи да станам и интернационален вински судија. Судам на престижниот вински натпревар за вина од целиот свет Mundus Vini The Grand International Wine Aword, во Германија“, вели нашата соговорничка.

Бистрото го отворила во најтешкиот период, во текот на пандемијата, но не се покајала.

„Идејата за моето винско катче беше тука некаде, присутна секогаш додека се воодушевував на сите тие вински барови и вински места кога одев по презентации надвор од Македонија. Не е нешто што го нема во светот, напротив. Само е малку адаптирано и адекватно за нашиот пазар, нашите навики и нашиот избор.

Пандемијата беше депресивен период и се одлучив дека баш тогаш ќе отворам бидејќи секогаш сум позитивна и знаев дека тоа нема вечно да трае и дека кога ќе заврши сите ќе сакаме нешто ново и нешто убаво. 

Еве сега направивме две години од отварањето и среќна сум што ја донесов тогаш таа одлука“, вели Јадранка.

За краток период Wine berry стекнало свои обожаватели. Се одржуваат дегустации, а голем број од гостите се странци, дипломати кои живеат тука, но и туристи кои сакаат да го пробаат најубавото од Македонија.

„Гостите се луѓе кои сакаат вино и уживаат во откривање на нови понуди на вино. Ги има од сите возрасти, од 25 па нагоре, воглавно луѓе кои имале можност да пробаат вина од различни производители и кои едноставно уживаат во нив. Неретко имам и гости кои се вистински познавачи на вино и кои секогаш бараат можност да пробаат и да дегустираат нови вина. Нашите купувачи сакаат да ги пробаат интернационалните вина, додека странците уживаат во нашите домашни вина.

Wine Berry има портфолио од над 350 вински етикети и има понуда скоро за секого“, вели Јадранка.

Со оглед на тоа што вината на малите македонски производители е потешко да се најдат во продажба, а кај неа има навистина одличен избор од повеќето мали винарии, интересот за македонските вина е голем.

„Секако, со мојата презентација купувачите се охрабруваат да пробаат и се изненадени од квалитетот на вината на малите македонски винарии. Јас работам главно само со нив и навистина продажбата оди одлично. Малите македонски винарии се свежина во винската индустрија во Македонија. Имаат големи потенцијали, желба и организираност, ги презентираат нивните најдобри вина, а резултатот се многуте интернационални награди кои ги имаат освоено на различни натпревари, што е доказ за нивниот квалитет“, објаснува нашата домаќинка. 

Јадранка увезува и доста вина од странство, Франција, Италија, Шпанија, Португалија, Америка, Аргентина, Нов Зеланд, Австралија,Чиле, Јужна Африка, портфолио кое е многу внимателно селектирано и во кое може да го најдат она што го сакаат сите гости.

Лично, љубител е на добри црвени вина – како Каберне Севињон од Калифорнија, но го сака и нашиот Вранец, од белите сака Севињон Бланк и Ризлинг, а од розе вината – Прованса.

Со каква страст таа ги опишува вкусовите на вината кои ги нуди за дегустација, не ви останува ништо друго освен да ги пробате сите. И тоа без истурање, до последната капка.

Впрочем, освен Дејан Донев, вљубеник и познавач на вино, нејзин пријател и колега, сите останати на оваа дегустација бевме жени, а Јадранка вели дека, генерално, жените се во поголем број посетители во Wine Berry.

„Жените уживаат во добро розе или просеко. Секако, доаѓаат и мажи, но интересот за вино е поголем кај женската популација. 

Се радувам дека има и доста млади кои имаат голем интерес за вината, пробуваат, купуваат, бираат, коментираат. Тоа е добро за нашата винска индустрија и покажува еден потенцијал за зголемување на винската култура во Македонија“, вели Јадранка која во оваа работа е заедно со нејзината ќерка. А тоа е уште една работа која го оправдува насловот на текстот. Токму така, за женцките работи, а една од нив е токму виното.

„Заедно со мене тука е вработена ќерка ми Даница Кимовска која има 21 година и е втора година на медицина (рентген- технолог) и работи секој ден во Wine Berry. Бескрајно сум благодарна за нејзината одговорност. Тука се секако и сопругот и синот кои помагаат, но целата работа ја носиме јас и мојата ќерка. Не можам да кажам дека Даница е вински познавач или дека може да опслужи како мене, но е доволна поддршка на бизнисот“, се пофали Јадранка. 

Наскоро, поточно, во февруари следната година нашата соговорничка е повторно поканета на Mundus Vini The Grand International Wine Aword во Германија.

„Ние сме околу 300 судии од целиот свет кои во текот на 3-5 дена судиме над 7-8000 вина и ги оценуваме, па во согласност со нашите оценки тие добиваат награди, а со тоа и попрестижни позиции во пласманот на нивните вина.

Тоа е навистина одговорна работа затоа што да си дел од таа фела бара професионалност и посветеност. Инаку, наградените вина од овој натпревар се презентираат на најголемиот вински саем во светот, ProWein Dusseldorf“, вели Јадранка и додава дека, „да си жена во овој бизнис значи работа, работа и само работа. Сите препреки ги оставаш зад себе и само чекориш напред кон својата цел“.